skip to Main Content

Екологистите добивале закани за Југохром, Владата смирува – без филтри нема рестарт

Екологистите добивале закани за Југохром, Владата смирува – без филтри нема рестарт
  • 02.07.2018

Движењето „Еко герила“ од Тетово обвинува дека деновиве добивале закани и финансиски понуди со цел повеќе да не реагираат околу евентуалното стартување на „Југохром“ без да бидат доградени филтрите за пречистување на воздухот. За ова ја известиле полицијата и за денеска побарале средба со премиерот Зоран Заев. Велат информацијата ќе ја споделат и со амбасадите и организациите кои ги поддржале.

-Валканите игри со мафијашки тенденции не само што нема да нè спречат туку напротив, само нè мотивираат да не се откажуваме од нашата мисија. Граѓанската реакција ќе биде многу остра за секоја уцена од ‘Југохром’ или од одредени кругови во Владата. „Без веродостојна меѓународна гаранција нема да се прифати никаква манипулација од страна на сопствениците, без разлика дали е и во соработка со вицепремиерот Анѓушев. Затоа сметаме дека е тенденциозно и опасно неговото инсистирање на реотворањето на ‘Југохром’ паралелно со воспоставувањето филтри, а не по завршувањето на нивното распоредување и како што е предвидено со законот – велат од Еко герила.

Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев од собраниската говорница беа децидни дека фабриката „Југохром“ нема да биде пуштена додека не се постават филтрите за отпрашување. Заев со став дека не гледа основа за закани и уцени врз еколошкото здружение, ги повика случајот да го пријават во МВР доколку има такво нешто.

Вицепремиерот Анѓушев, тврди  дека „Југохром“ ќе проработи откако и само кога ќе се постави филтер- во оној момент кога ќе добие А-интегрирана еколошка дозвола за работа.

„Владата покажа добра волја и подготвеност да се помогне на компанијата во процесот на изградба на системот за отпрашување, односно да асистира во процесот на подигнување  заем на ‘Југохром’ од Македонската банка за поддршка на развојот, процес во кој сепак и самото раководство на компанијата треба да покаже подготвеност, да вложи дополнителни 1 милион евра, за да се реши целата ситуација. Доколку таксативно се направат сите услови и околности според коишто треба да проработи Југохром, но тие да не се на штета на граѓаните, ‘Југохром’ ќе работи и ќе придонесува за регионот и за економијата, а ние како држава и како влада ќе му помогнеме да ја исполни обврска и да постави филтер- рече Анѓушев.

Анѓушев потенцираше дека здравјето на граѓаните нема цена и тоа е најважно, а по тоа доаѓа економијата. Упати апел до граѓаните и еколошките здруженија дека нема потреба од загриженост.

Александра Филиповска

Back To Top