skip to Main Content

Две години од полициската бруталност врз студентите (Видео)

Две години од полициската бруталност врз студентите (Видео)
  • 26.06.2018

Вака изгледаше полициската интервенција пред просториите на студентскиот парламент кога пленумците се обидоа да спречат нелегитимни избори. Навршуваат две години од студентските избори кои ќе останат запаметени како скандалозни и насилни. Гласањето беше тензично и проследено со низа нерегуларности, недостасуваа паравани, печати и избирачки списоци, а оние кои ги организираа изборите беа со истечен мандат. Состојбата ескалираше кога претставниците на парламентот ги однесоа кутиите во своите простории за да ги пребројат гласовите, а пленумците ја блокираа вратата во обид да го бојкотираат нелегитимниот процес. Специјалци од единицата за брзо распоредување упаднаа во зградата на парламентот на УКИМ и насилно ги отстранија пленумците. Иако студентите не беа вооружани и не пружаа отпор, на местото беа распоредени и оклопни возила. МВР тогаш тврдеше дека не ги пречекорило надлежностите, но јавноста ја оцени таа интервенција како брутална и нелегална. За овој случај, обвинителството постапува по кривичната пријава која ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човекови права против тогашниот прв човек на БЈБ, Митко Чавков.

Основното јавно обвинителство Скопје активно постапува и презема повеќе дејствија во насока на проверка на наводите од кривичната пријава за која покажувате интерес. Предметот е во предистражна фаза и во овој момент не сме во можност да споделиме повеќе детали со јавноста.

Од обвинителството не го соопштуваат ниту бројот на лицата за кои постои сомневање дека сториле кривично дело. Обвинителството почна да постапува по кривичната пријава во октомври минатата година и тогаш соопштија дека бараат податоци од одредени институции и дека на распит се повикани седум лица, но нивниот идентитет не беше соопштен. Освен полициската бруталност врз студентите, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков е посочен за директно одговорен и за упадот во Собранието од 27 април лани бидејќи свесно не ги спречил крвавите настани. Тој и уште 29 други лица се дел од обвинението на обвинителството кое беше прифатено од Кривичниот совет.

Кристина Атовска

Back To Top