skip to Main Content

Еден милениум Охридска архиепископија – 1ТВ ќе ја пренесе атмосферата од македонскиот Ерусалим

Еден милениум Охридска архиепископија – 1ТВ ќе ја пренесе атмосферата од македонскиот Ерусалим
  • 26.05.2018

Еден милениум религија, писменост и култура – МПЦ вечерва ги почна чествувањата по повод 1.000 години Охридска Архиепископија.

На плоштадот во Охрид чествувањето почна со целовечерен хорски концерт на „Св. Злата Мегленска“ на градскиот плоштад.

Екипата на 1ТВ ќе ја следи и ќе ја пренесува од минута во минута атмосферата од утрешната голема прослава – Свечената академија во катедралната црква Св. Софија.

Свеченоста ќе биде збогатена со концерт на Камерниот оркестар на Филхармонијата во чиишто рамки ќе настапат и хоровите од братствата на манстирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“, под дирегентска управа на маестро Борјан Цанев. На програмата се преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари, а ќе биде претставена и изложба на уметнички портрети на македонските архиепископи.

На големиот настан ќе присуствуваат членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија предводени од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, како и претставници на највисоките државни институции, во присуство на претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев.

Одбележувањето на значајниот јубилеј продолжува веќе утредента, со литургиско чествување што ќе се одржи во Св. Софија од 9 часот, на кое е најавено присуство на највисока државна делегација.

Активностите се распределени да се одржуваат од денеска па се до крајот на календарската година. Предвидени се ликовни колонии, промоција на научни дела, поштенски марки, монети, училишни конкурси, издавање значајни публикации, организирање научни академски собири, па и спортски активности осмислени да го привлечат вниманието на пошироката јавност.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Даријан Сотировски, најавувајќи ја програмата посветена на значајниот јубилеј, истакна дека се работи за извонредно значаен настан – одбележување еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација, која го обединувала народот и му помогнала да премости многу тешкотии од најразлични временски епохи.

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски истакна дека Охридската архиепископија има посебно место во нашата богата духовна историја, која освен на македонско тло се простирала и на српска, бугарска и албанска територија, придонесувајќи Охрид како нејзино седиште да се развива во центар на православието и културата.

– На овие простори, според научни сознанија, имало континуиран живот седум илјади години, а траги оставале речиси сите цивилизации. Тие траги видливи се и сега и се сведоци за богатата историја на Охрид. Тука секој може да ги види наслагите на минатото, да ги види ранохристијанските базилики, прекрасните мозаици и  бројните цркви со  ретките фрески и икони. Врз цврстите темели на Охридската архиепископија е изградена и нашата Македонска православна црква, нашиот духовен светилник и неизбришлив белег на нашиот духовен идентитет. Делото на светиот Апостол Павле кој на овие простори почнал да го шири христијанството, подоцна го продолжуваатсСветите Климент и Наум Охридски, учениците и следбениците на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј. Тие продолжуваат со мисијата на ширењето на сесловенската писменост и култура, а свети Климент го отвора, според многумина најстариот Универзитет во Европа, со околу 3500 ученици. Испреплетеноста на важни културни и историски настани, го прават Охрид крстопат на цивилизациите, духовен и центар на сесловенската писменост и култура. Токму поради тоа, одбележувањето на 1000-годишнината од формирањето на Охридската архиепископија е голем настан за нас, но и за сите земји од православието, рече Стојаноски.

Back To Top