skip to Main Content

Егејското прашање во актуелниот политички контекст – тема на „Печат на неделата“

Егејското прашање во актуелниот политички контекст – тема на „Печат на неделата“
  • 14.02.2019

Тема на „Печат на неделата“ е егејското прашање и начинот на кој се третира денеска, како и во минатото, а уредникот Сашо Ордановски разговараше со историчарот Александар Литовски, новинарот и егеец по потекло Ѓорѓи Ајановски и новинарот Димитар Љоровски Вамваковски, историчар и експерт за македонската историја од 19-тиот и 20-тиот век. Прашањето се актуелизираше особено по говорот на грчкиот премиер Ципрас во парламентот, кој зборуваше за егејците и за Мирка Гинова.

-Грчкиот премиер Ципрас, во обраќањето до парламентот и критиките до грчките комунисти, погрешно наведе дека Мирка Гинова или Ирина Гинис била комунистка. Вистината е дека таа никогаш не била член на КПГ. Беше борец во единиците на Елас, која се прослави со херојството при нападот на една германска железничка композиција во месноста Муареман. Тогаш грчката прогресивна јавност ја прогласи за хероина на грчкиот антифашизам, објаснува Ајановски и додава дека не била осудена и стрелана како комунистка, туку затоа што до смртта ја бранела својата македонска национална припадност и организацијата НОВ на која и припаѓала.

Тој оценува дека нејзиното споменување од грчки премиер е голем настан од аспект на македонското прашање и признание на учеството на македонскиот народ од егејска Македонија во заедничката антифашистичка и граѓанска војна во Грција. Литовски, пак, оценува дека иако во јавноста има таков впечаток поради силниот антикомунизам овие 20-30 години, за ова прашање се зборувало и не е мистифицирано

-Се пишуваа безброј книги и од уметничка проза и од научна литература за егејска Македонија, воопшто не беше табуизирано прашањето за нашите во егејскиот дел. Во Грција веројатно да, за македонското учество во антифашистичката Втора светска војна и во граѓанската војна. Тоа е многу помало, затоа што е во рамките на грчкото ослободително движење и грчката Комунистичка партија и многу помалку се истакнуваше македонскиот елемент, уште повеќе што на грчката Комунистичка партија по Втората светска војна тоа не и одговараше. Но не е дека нема, и таму има автори и дела каде што се споменуваат Македонците директно дека учествувале, вели Литовски.

-За да се сфати целокупниот период на македонско-грчките односи треба да почнеме од создавањето на грчката држава, од 30-тите години на 19-тиот век. Формирана е како резултат на грчкото востание од 1821 година. Со влијанието и интересите на големите сили во тој период се создала грчката држава, а во тој период почнува и формирањето на грчката држава. Во тогашниот контекст на односите, за да биде една нација животворна се сметало дека освен голема територија и да излегува на море требало да има и голема популација. Грција имала мала територија Пелопонез, мал дел од Атика и границата била до Волос. Затоа уште од формирањето создава политика на експанзионизам и се повикувала на некакво нивно историско наследство, односно прогласувајќи ја Византија како грчко наследство, почнала да покажува претензии кон тогашната Османлиска Империја, објаснува Љоровски Вамваковски.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top