skip to Main Content

Европската блокада за македонскиот челик – анализа во Студио 1

Европската блокада за македонскиот челик – анализа во Студио 1
  • 25.12.2018

Европските квоти за увоз на челик, железо и алуминиум кои ја погодија и Македонија беа очекувани уште од почетокот на трговската војна меѓу САД и Кина, смета професорот Митко Кочовски и додава дека планот за тригодишни контрамерки на ЕУ кои стартуваат од февруари се долг период за македонскиот извоз. Како што објаснува, постојат национални и глобални квоти, а најпогодени, главно од првите, ќе бидат производителите на челични цевки, профили и пластифицирани лимови како „Макстил“ и „Арчелор Митал“.

-Ова е битка на големите. Ние не сме фактор, со 390.000 тони сме под 1% од вкупниот увоз во Европа. Мерките не се воведени поради нас, затоа што нашиот извоз во Европа не би променил ништо. Ако мислите на Спогодбата за асоцијација и стабилизација, имавме Протокол за челик и обврска како држава да изготвиме програма за реструктурирање на националната челична индустрија, односно перспективните капацитети да се поддржат за да постигнат конкурентна цена на европскиот пазар, а неперспективните да се затворат. Тоа ни даваше право да извезуваме во Европа без количински ограничувања и царински давачки. За жал, ова сега е надвор од тие принципи, иако е предвиден механизам да треба да нѐ викнат на преговарање ако дојде до некаков спор, објаснува Кочовски.

Според него, ова не е дневнополитичко прашање, туку од национален интерес.

-70.000 тони годишно производителите на цевки ќе имаат помал извоз отколку годинава. Тоа се 45 милиони евра помалку продажби во наредниот период. Друг пазар нема, освен нешто минимално локално, вели Кочовски.

Тој предупредува дека проблемот ќе се прошири и на поврзаните индустрии и директно и индиректно ќе погоди голем број работници.

-Други решенија нема. Овие ги донесува Директоратот за трговија и во нив се предвидени количински ограничувања. Таму не уважуваат политички мотиви, важност за претпристапниот процес, економска реформа… тоа не ги интересира, туку само трговијата, за да ги заштитат интересите на нивните компании, вели Кочовски.

Целиот разговор погледнете го во видеото.

Back To Top