skip to Main Content

Дојде ли „животот“ во високото образование? – тема во Студио 1

Дојде ли „животот“ во високото образование? – тема во Студио 1
  • 28.06.2019

Законот за високо образование беше донесен пред 13 месеци и веќе се поставува прашањето дали „дојде животот“ за високото образование. На оваа тема во отвореното Студио 1 зборува проф. Борче Давитковски од правниот факултет.

-Уште веднаш би сугерирал дека законот има одредени правни празнини кои мора итно да се дополнат бидејќи на тој начин се влијае директно и на автономијата. Има и добри работи. Одлично е што првпат во Македонија комуналните трошоци, вода, струја, телефони и парно, државата си зема обврска да ги покрие. Класичен недостаток, на пример, ако се земе словенечкиот модел, во Словенија во законот за високо образование се вели дека секој универзитет си избира ректор. Да останеше тоа кај нас, тоа е автономија, се оди до таму што од едно многу блиско време кога се смееја студентите и кога излегоа да протестираат за екстерното тестирање дека ќе биде во толку и толку часот, па дека ќе се снима со камери, целиот Универзитет реагираше, сега истите тие одредби остануваат, со тоа што кажува дека во периодот од 12 до 14 часот сите вработени на Универзитетот каде што ќе се бира ректор да гласаат. Ако имаме избори на кои се гласа од 07 до 19, во една академска заедница, зошто електронски да не се гласа, праша Давитковски и додава дека има празнина во процедурата за разрешување на ректорот.

Како што објаснува, автономијата е нарушена со обидот да се регулираат стручните области кои треба да се остават или на паритетно независно тело на Националниот совет или на самите универзитети, преку Сенат или Наставнички совет.

-Второ, со овој закон се направи упад и во административниот систем на Македонија. Според овој закон, нашата администрација веќе не е според Законот за административни службеници, туку според Законот за работни односи. Одредени административни службеници во МОН и во Секретаријатот за законодавство даваат забелешки дека Владата без да отвори расправа ги прифаќа здраво за готово и ги праќа во Собрание, Собранието вели дека морате да се усогласите, без да посвети внимание како наш вистински основач, изјави Давитковски.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top