skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
ЈО побара продолжување на притворот на Јанева за нови 30 дена
Калајџиев ќе биде предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за нов Јавен обвинител?
Алијанса за Албанците: Режимот ВМРО-ДУИ го монтираше, судовите на СДСМ-ДУИ пресудија, бараме меѓународна истрага за „Диво Насеље“
Македонија ги исполни сите услови – на ред е ЕУ

Договорот за името во Псарадес, ручекот во Отешево (Во живо + фото + видео)

Договорот за името во Псарадес, ручекот во Отешево (Во живо + фото + видео)
  • 17.06.2018

Денеска во Псарадес во Грција, на брегот на Преспанско Езеро, македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе го потпишат договорот за името, а сведок ќе биде посредникот на ОН Метју Нимиц, по што следуваат изјави.

Потоа двете делегации ќе се префрлаат на македонската страна, во Отешево, каде што ќе биде официјалната средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои ќе имаат заедничко обраќање и ручекот на делегациите и нивните гости од НАТО и ЕУ.

 

Во македонската делегација се вицепремиерите и министри за одбрана и за европски прашања Радмила Шекеринска и Бујар Османи, министерот за внатрешни Оливер Спасовски.

На церемонијата ќе присуствуваат високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, но нивното присуство официјално сè уште не е потврдено, иако Могерини самата најави дека ќе дојде.

На почетокот на следната недела на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието за ратификација, по што треба да го потпише претседателот Ѓорѓе Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.

Безбедносните мерки се засилени во регионот на Преспа од двете страни пред најавените протести и во Македонија и во Грција – во Битола протест најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не го потпишува договорот и останува на ставот дека нема да даде поддршка за промена на Уставот.

Протестите во Грција ги организира Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија, под слоганот „Македонија значи Грција“. Во северна Грција автобуси веќе тргнуваат од градовите од северниот дел на земјата, за граѓаните да учествуваат во протестот.

Договорот кој беше декласифициран во четвртокот предвидува официјалното име за севкупна употреба да биде Република Северна Македонија или скратено – Северна Македонија.

Во однос на јазикот предвидено е – македонски јазик и во ОН останува да пишува – македонски јазик – без каква било фуснота со дообјаснување.

За државјанството, односно националноста, во договорот е утврдено – македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

Основата на договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и тоа, како ние за нас го толкуваме поимот Македонија и македонски, се вели во документот.

Со членот 7 од договорот се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува хеленскиот дел од историјата.

Во договорот е утврдено дека Македонија и македонски во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција.

Химната, грбот и знамето не се менуваат, како и кодовите МК-МКД додека регистарските таблички не се дел од меѓународна кодификација и ќе го следат духот на Договорот.

Договорот со Грција е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Спроведувањето ќе се случува етапно, а договорот ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешните процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури, тоа ќе значи дека договорот не важи.

Државните институции ќе го следат принципот на договорот – новото утврдено има на државата. Сите други организации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како – македонски и да ја користат придавката македонски.

За договореното, конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдумот, кој треба да се одржи во септември или октомври.

Погледнете ја атмосферата во Нивици пред доаѓањето на делегациите за потпишувањето на договорот.

Back To Top