skip to Main Content

Дали негативноста околу референдумот ќе се нормализира во собраниска работа – анализа на Студио 1

Дали негативноста околу референдумот ќе се нормализира во собраниска работа – анализа на Студио 1
  • 25.09.2018

Теоријата на кампањата за бојкотирање на референдумот дека Грција ги диктира уставните измени што треба да ги направи Македонија е невозможна, вели претседателот на Собранието Талат Џафери и објаснува дека амандманите не ги предлагаат ниту Заев, ниту Ципрас, туку само Владата, претседателот на државата, 40 пратеници или 150 илјади граѓани со потпис кај овластен предлагач.

-Верувам дека граѓаните ќе знаат да ценат и да оценат што е суштински, историски моментум за да решат за својата иднина, а не да останат заробеници на минатото, вели тој.

Смета дека критиките дека е „диво“ избран и „диво“ ќе ја спроведе процедурата по секоја цена, се резултат на противењето на референдумот и спротивни на интересот на граѓаните и на државата. Според него, граѓаните, државата и институциите се пред историско искушение, дали ќе тргнат кон перспективна и просперитетна иднина во НАТО и ЕУ каква што веќе почувствувале луѓето од дијаспората.

-Нашите граѓани, институции и држава немаат причина да бидат дел од некое минато и да останат во вакуум во којшто нема јасна перспектива што ќе се случи ако решиме да останеме во статус кво, ако ги имаме пред вид сите глобални, геостратешки и геополитички придвижувања во регионот и светот, вели Џафери.

Како што вели, странските пријатели се сигурни дека се внимава околу балансот на силите, затоа што и владата и мнозинството покажале сенс дека го слушаат тоа што треба да се слуша, но дека не прифаќаат ултиматуми, што значи дека постигнале инклузивен процес.

-Референдумот и потребата за уставни измени не се работа на политичките партии и теснопартиски интереси, туку работи што ја решаваат иднината на граѓаните во однос на статусот граѓани на ЕУ, со сите придобивки за исполнување и спроведување на европските вредности и историски момент да се детерминира државотворноста, во смисол дека секој поединец… сега му се обраќам на делот од граѓаните од македонската заедница, кои треба да разберат суштински, а не емотивно, дали сакаат ова парче земја да биде ПЈРМ, која во суштина не е Р. Македонија како што им се пропагира или ќе се дефинира меѓународниот субјективитет на државата, која ќе го добие печатот и поддршката од граѓаните, без оглед на која заедница и припаѓаат, за да може да продолжи во иднина да биде признаен и прифатен меѓународен субјект со име и презиме зачувувајќи ги сите емотивни аспекти што ги поврзуваат луѓето со државата, вели Џафери и додава дека Договорот ги исполнува емотивните потреби на граѓаните и обезбедува меѓународен субјективитет на субјектот Р. Северна Македонија, која ќе биде признаена и прифатена во сите евроатлантски институции.

Целиот разговор погледнете го во видеото.

Back To Top