skip to Main Content

Дали ДУИ му ја донесе победата на Пендаровски и дали ВМРО-ДПМНЕ има коалициски капацитет – анализа во Студио 1

Дали ДУИ му ја донесе победата на Пендаровски и дали ВМРО-ДПМНЕ има коалициски капацитет – анализа во Студио 1
  • 06.05.2019

Директно од набљудувачкото место во Требош, Трајко Славевски од раководството на ВМРО-ДПМНЕ во Студио 1 вели дека изборите поминале мирно и без нерегуларности. Како што објасни, членови од највисокото раководство на партијата се позиционирале како набљудувачи во средините кои за време на референдумот се покажале како ризични, со полнење на кутиите. Според него, тоа што за време на сегашниот изборен процес се поминало во најдобар ред веројатно значи дека била извлечена поука и надлежните се потрудиле да избегнат нерегуларности.

-Трендот продолжува и очигледно се прави разлика во полза на Стево Пендаровски, но зборот го имаат самите тркачи и нивните штабови, тие треба да ги дадат конечните оценки, вели тој и додава дека е најдобро да ѝ се дозволи на Сиљановска сама да се изјасни во врска со резултатите од вториот изборен круг.

Според Славевски, позицијата на Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ е зацврстена уште за митингот на 2 јуни лани и изборната мапа оди во прилог на тезата дека партијата е цврста и во тренд на внатрепартиска консолидација. Како што вели, остануваат дежурен критизер на власта што не испорачува и се гласот на граѓаните.

-Немам никаква причина да бидам на оваа позиција во раководството доколку некој од надвор (Груевски) диригира со партијата, вели тој.

За Преспанскиот договор и реториката дека ќе се обидат да го променат, и партијата и Сиљановска, по што го сменија ставот и го прифатија континуитетот на Уставот, Славевски вели дека таа јасно го кажала својот став дека прашањето го остава отворено.

-Не знам зошто се поставува прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ останува на позициите на НАТО и ЕУ, отсекогаш ќе било и ќе биде, но голема е цената, а неизвесноста е голема. Остануваме зад сите ставови дека се направи штетен договор со далекусежни последици за македонскиот народ, рече Славевски.

Од Желино во Студио 1 се приклучи и Артан Груби од ДУИ, кој оцени дека албанските гласачи биле одлучувачки и определувачки фактор и токму гласовите на ДУИ кои го поддржале новиот концепт за консензуалност биле одлучувачки за победата и го критикуваше Пендаровски дека во победничкиот говор, меѓу другите, не му се заблагодарил на лидерот Али Ахмети.

Славевски вели дека на следните парламентарни избори ќе се види која партија од помалите освоила повеќе гласови. Според него, Заев е губитник на претседателските избори и затоа чувствува потреба да ја продолжи кампањата, односно ја користи ситуацијата поразот да го прикаже како победа и се кити со туѓи перја. Тој рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ќе укаже на неправилностите и притисоците особено врз вработените во администрацијата, за што, според него, сведочат неважечките ливчиња на луѓе кои биле принудени да гласаат.

-Ако утре се одржат парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победничка партија, затоа што ќе се соочи со својот ривал. И во текот на кампањата, далеку е од однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, ако зборуваме за клучни, национални прашања што го засегаат мнозинскиот народ, тоа е клучно. ВМРО-ДПМНЕ е супериорна во однос на главниот политички противник, рече Славевски.

-ВМРО-ДПМНЕ навистина може да победи на наредните избори, но прашање е дали ќе ја капитализира победата во однос на коалицискиот капацитет. Нашата реализација е целосна – ветивме закон за јазиците, уставни промени, НАТО и ЕУ, рече Груби и тврди дека ДУИ добила стопроцентна поддршка од своите гласачи од над 100.000 гласови и обвини дека раководството и членството на албанската опозиција воопшто не гласало и не застанало зад евроатлантската иднина на Македонија.

Славевски вели дека охрабрено од резултатите, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи уште посилно. Според него, од вечерашниот резултат не може да се донесе заклучок за коалициски капацитет, затоа што гласале граѓаните, затоа што во местата со мнозинско албанско население гласачите гласале за Стево Пендаровски, но не затоа што така им било кажано од ДУИ.

Back To Top