Давитковски: Административците вработени со партиска книшка не може да ги натерате да работат во приватен сектор

Недостиг од храброст за промени, но и следењето на партиските, а не на државните интереси се главна причина за спорото спроведување на реформите, заклучија десетина експерти од различни области правејќи пресек на реформите во судството, јавната администрација, безбедносните служби и СЈО, на панел дискусијата „Дали имаме реформи и зошто не“ што се одржа денеска во Скопје.
Отпуштањето на луѓето вработени со помош на роднини, функционери не е реформа, како ни вработувањето во приватен сектор на 1 600 административци кои сега земаат плата, а ништо не работат, оцени универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Според професорката Мирјана Најчевска донесувањето на било кој законот кој што секоја Влада го најавува и доживува како реформа не е крај, туку почеток на приказната за реформи. Таа остро ги критикуваше Советите за реформи во правосудството и реформи во администрацијата.
За разлика од сите други, деканот на факултетот за безбедност, професорот Никола Дујовски е задоволен од реформите во безбедносниот сектор и за него не е спорно тоа што новата разузнавачка агенција ОТА ќе биде под директна надлежност на владата и што нејзиниот претседател ќе го назначува премиерот. Со ова не се согласува професорот Гордан Калајџиев.
Професорот Денис Прешова упати јавна критика на сметка на работата на судиите и како што рече, судскиот менталитет кој не’ кочи сите нас.
Панел дискусијата беше организирана од Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка од Прилеп.
Искра Опетческа
1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.