skip to Main Content

(Видео) Давидовиќ: Синџирот на командување на 27 април бил партискополициски

(Видео) Давидовиќ: Синџирот на командување на 27 април бил партискополициски
  • 06.12.2018

Синџирот на командување на 27 април минатата година од полициските се префрлил на партиските структури и од полициски станал партискополициски, истакна денеска адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на обвинетиот Александар Василевски Нинџа за настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија.

-Партиски структури на 27 април ја презеле командата од МВР заради заштита на некои свои интереси и некои свои политички права. МВР останала обезглавена и наместо полициски структури, командувањето на МВР се префрлило на партискиот врв, изјави Давидовиќ на паузата од денешното рочиште.

На прашањето дали може да му се верува на обвинетиот Нинџа или можеби тој дава таков исказ за да издејствува укинување на притворот, Давидовиќ потенцира дека Нинџа е меѓу ретките обвинети кои останаа во притвор иако, како што кажа, понудиле гаранција од 800.000 евра.

-Мојот клиент е се уште во притвор за разлика од сите други со понудена гаранција повисока од 800.000 евра. На 14 јуни 2018 година го даде истиот исказ пред обвинителството. Не постои овде пазар, туку приказната е иста, рече Давидовиќ.

Во моментов во судницата сведочи екс директорот на УБК Владимир Атанасовски во врска со изјавата на Давидовиќ. Тој се повика на тајност на податоците во врска со прашањето дали Александар Василевски Нинџа работел за УБК и во судот побара декласификација.

Атанасовски рече дека со Нинџа се познава од терената околу две ипол години, односно недела до две пред да стане директор на УБК.

На прашање од обвинетиот Никола Митревски-Кољо дали на 27 април контактирале, Атанасовски рече дека не може да се сети.

Одговарајќи на прашање од Судот, Атанасовски кажа дека на 27 април лани бил на работа до 18:30 часот, по што отишол на кафе во центарот на градот, па на ракомет и не може точно да се сети во кое време каде бил.

Судијката Кацарска, по ова го праша како може да бил директор на УБК, а да не знае каде бил на 27 април 2017 година, кога се случи тоа што се случи, по што Атанасовски рече, тоа би требало повеќе да знаат лицата од неговото обезбедување.

За случувањата на 27 април дознал кога веќе топлата влегла во Собранието.

– МВР формираше кризен штаб за протестите „За заедничка Македонија“ и УБК постапуваше согласно изработената оперативна акција и за тоа има телеграми, рече Атанасовски.

Back To Top