skip to Main Content

Груевски се пофали на „Фејсбук“ дека доби азил

Груевски се пофали на „Фејсбук“ дека доби азил
  • 20.11.2018

Бегалецот Груевски се пофали на „Фејсбук“ дека добил азил од унгарските власти. Во долго писмо објаснува дека барал азил зошто бил под политички прогон од новата влада.

„Денес Република Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил заради политички прогон во Република Македонија. Јас не избегав од правдата,туку користејки други меѓународно правно регулирани методи продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија. Јас до последен момент, иако гледав колку неправедно ме обвинуваат и судат, иако беше видливо дека судиите уште пред да го почнат судењето и пред да ги погледнат доказите, ја знаеја пресудата, секојдневно, како никој досега се соочував со правдата, се до моментот кога актуелната влада не одлучи неправедно и со политичка одлука да ме стави во затвор а потоа и да ме ликвидира“, напипша Груевски.

Унгарската опозиција се мобилизираше во Парламентот со обвинувањата кон Орбан поради неговата вип мигрантска политика, а владиниот човек Гергели Гулаш ја правдаше постапката со сомнежот дека Груевски не добил фер судење и дека состојбата во македонските затвори е ужасна. Опозицискиот блок во Унгарија остро реагираше на постапката за азил на Груевски нарекувајќи го Орбан шверцер на мигранти.

Опозициската ЛМП вчера побара формирање анкетна комисија за да се утврди евентуалната вмешаност на унгарските власти во бегството на осудениот Груевски. Владата на Орбан не даде информации за влезот на Груевски во Унгарија, но категорично отфрли вмешаност во неговиот излез од Македонија. Тоа се коси со сознанијата на останатите регионални власти кои тврдат дека Груевски низ три балкански држави поминал со унгарска придружба во унгарски дипломатски возила.

Со оглед на фактот дека Македонија има потпишано голем број  билатерални спогодби за размена на податоци и полициска соработка, ги прашавме службите, но и владата дали добиле неофицијални информации за движењето на осудениот Груевски без пасош и дали добиле известување дека тој се шетал со документ кој не е издаден од македонските власти. Од Агенцијата под команда на претседателот и од МВР не одговорија на нашите прашања, а од Владата за 1Тв велат дека немало неофицијална комуникација и дека за целиот процес известуваат министерствата за внатрешни и надворешни работи.

Кристина Атовска

Back To Top