skip to Main Content

Гостивар тагува по сограѓаните

Гостивар тагува по сограѓаните
  • 14.02.2019

Три дена тага во Гостивар. Граѓаните се шокирани по веста за страотната сообраќајка. Знамињата се на половина копје, низ градот се чувствува тагата по тешката трагедија. Низ целиот град се објавени некролозите на починатите, сограѓаните се простуваа од нив.

„Тешко, тие се наши сограѓани. Катастрофа, трагедија невидена, од судбина не се бега. Ова за еден град е шок“, велат граѓаните.

Емотивно и во општинската сала на Гостивар.

„Како лекар по професија во мојата работа околу 20 години сум видел многу болка. Но, никогаш и ништо не може да се спореди со оваа трагедија која е седната со вкрстени нозе во нашиот град. Никој не знае кои биле нивните последни мисли, но никој од нив не знаел дека ќе го загуби животот во еден ден како вчерашниот кога се враќале во својот дом“, рече градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.

„Ја споделуваме големата болка со сите вас, душата не боли за секој згаснат живот. Тоа се и наши сограѓани, тоа се и наши деца, беа и наша надеж и тагата е заедничка. Зборовите за утеха во вакви моменти тешко се наоѓаат, зошто нема утеха за срцата кои тагуваат за саканите“, рече премиерот Зоран Заев.

„Тешки се деновите кога искажуваме сочуство на роднините, пријателите, бидејќи сообраќајките се настани кога некој нѝ ги краде тие што нѝ се најмили. Кога некој умира знаеме дека тоа е неминовно во животот, доаѓа смртта, но кога се случуваат вакви настани тие се уште потешки и поболни, зашто тие што сме ги очекувале да дојдат дома, никојпат не пристигнале“, рече претседателот на државата Ѓорѓе Иванов.

Нашата екипа во неколку наврати се обиде да стапи во контакт со туристичката агенција „Дурмо Турс“ којашто е сместена на самиот плоштад на Гостивар. Иако на самата врата пишува дека оваа туристичка агенција работи до 19 часот, три часа порано, сега е 16.00 часот како што може да забележите, вратата е затворена и сите посетители коишто се обидоа денеска да стасаат до туристичката агенција чиишто вчерашниот автобус ја направи несреќата на автопатот Скопје – Тетово, наидоа на затворени врати.

Доцна попладне, од „Дурмо Турс“ преку соопштение уверија дека нивните автобуси се исправни, редовно сервисирани, со сите лиценци. Изразија сочуство, посакаа брзо опоравување на повредените и очекуваат истрагата да ја открие причината за сообраќајката. Од државниот инспекторат за транспорт последен пат лани во ноември контролирале автобус на „Дурмо Турс“, со констатација на уредна документација, но возач добил казна за непочитување на возниот ред.

Игор Стефановски

Back To Top