skip to Main Content

Големата полициска акција во која беа уапсени поранешни високи функционери во фокусот на Студио 1

Големата полициска акција во која беа уапсени поранешни високи функционери во фокусот на Студио 1
  • 28.06.2019

Денешниот прв блок од Отвореното Студио 1 со Јана Јосифоска и Влатко Чаловски го започнавме со јавување на колегата Игор Стефановски од Кривичниот суд, кој извести за последните случувања околу денешната голема полициска акција во која што беа уапсени поранешни високи функционери, меѓу кои и екс министерот за транспорт Миле Јанкиески како и административни службеници и лица кои вршат работи од јавен интерес. Сите се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за несовесно работење во службата.

Продолживме со потсетување на разговорот со Билјана Гинова, борец за човекови права и ЛГБТ активист, која ги повика граѓаните гордо да маршираат и на тој начин да ѝ се спротистават на дискриминацијата.

Повод за разговор беше првата парада на гордоста во организација на ЛГБТ активистите.

-Изминатите години, особено за време на претходната Влада, во Македонија навистина не беше лесно. И сега не е лесно, но тоа беше најцрниот период на хомофобија и трансфобија. Ако не бевме многу, немаше да издржиме, вели Гинова.

Промените ги почувствувале со самата промена на власта, затоа што првата година владини претставници, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев се појавиле на ЛГБТ настани да покажат солидарност.

Како што објаснува, конференцијата е од историска важност, затоа што домаќин е Министерството за труд и социјална политика, односно државна институција, првпат во регионов.

Лековите за спинална мускулна дистрофија се конечно достапни за пациентите на коишто им се од животно значење. За ова, синоќа во Централниот дневник на 1ТВ, зборуваше Деница Велковска, мајка на Јане, кој стана познат во јавноста со својата храброст и волја еден ден да прооди и да игра фудбал како сите други деца.

-Веста беше убава затоа што веќе се приближуваме кон крајот на процесот за обезбедување на терапијата за овие пациенти. Со самата вест бевме среќни, а најсреќни ќе бидеме кога ќе го боцнат Јане, тогаш ќе го отвориме шампањот. Сепак, ова е крупен чекор и извесно е дека ќе дојде во скоро време, вели таа.

Борбата на Јане и на неговото семејство трае веќе десет години, а ова се финалните чекори. Чудо не очекуваат преку ноќ, лекувањето е процес што ќе трае, но како што вели, успеале да го заштитат и него и сите други пациенти од натамошна прогресија на болеста која напредува и е фатална.

Образованието станува најпрофитабилна инвестиција во светски рамки, но темата издвојува две тези – дека можеби не ни требаат толку образовани кадри, туку повеќе средни стручни училишта во кои ќе се обучуваат кадри за странските инвеститори од една страна и од друга дека знаењето е најголем капитал. На оваа тема во отвореното Студио 1 дебатираа Андреј Наумовски и Тамара Георгиевска, студенти кои го завршиле факултетот со чиста десетка, но решиле да останат во земјава, како и Христина Спасевска, професор на ФЕИТ и претседател на Инженерската институција на Македонија.

Целиот блок од Отвореното Студио 1 може да го погледнете во видеото:

Back To Top