skip to Main Content

Во изминатите четири години извршени 104 инспекции во „Орфеј“

Во изминатите четири години извршени 104 инспекции во „Орфеј“
  • 29.05.2018

Осум прекршочни мерки и 1 управна биле изречени од страна на Државниот пазарен инспекторат за туристичката агенција Орфеј, од 2014 година до денес. По вчерашниот прилог на 1ТВ во кој откриваме дека се води предистражна постапка против оваа агенција, денеска инспекторатот со детали за Орфеј.

„Во изминативе четири години, инспекторатот извршил вкупно 104 контроли. 33 од нив се редовни инспекциски надзори и исто толку контролни. 38 вонредни контроли се извршени по претставка од незадовилни туристи“ – велат од пазарниот инспекторат.

Врз основа на овие инспекции изречени се прекршочни мерки кои агенцијата Орфеј не ги платила, па поради тоа се водат судски постапки. Агенцијата Орфеј во 2014 била затворена 30 дена поради Управната мерка која била изречена Државниот пазарен инспекторат. Управната мерка била изречена по претставка, а основот бил несклучување договор со корисникот. Гледачи на 1Тв кои бараа да останат анонимни велат дека против Орфеј поднеле приватни тужби. И покрај долгогодишните поплаки, досега ниту еднаш инспекторатот не предложил на министерството за економија да ја одземе лиценцата на оваа агенција. За ова инспекторатот се повикува на членот 30 од Законот за туристичка дејност според кој инспекторатот може да предложи одземање на лиценца ако се прекршени најмалку 2 од условите за лиценца А. Од инспекторатот велат дека досега при нивните надзори, констатирано било прекршување на само 1 услов и поради тоа не побарале од министерството да се одземе лиценцата.

Сепак, против оваа туристичка агенција се водат постапки пред надлежните кои дополнително треба да утврдуваат дали имало измами. Првите поплаки од измамени туристи се појавија во 2007, но името на Орфеј и порано се поврзувало со скандали. Агенцијата Орфеј била привилегирана да набавува авионски карти за министерството за одбрана од времето на Владо Бучковски, а по неговото поставување на премиерското место, Орфеј почнала да набавува авионски карти и за владата. Тогаш медиумите пишуваа за пријателски врски помеѓу тогашниот премиер и сопственичката. Сопственичката на Орфеј, Снежана Јовановска и денска остана недостапна за нашата редакција.

Кристина Атовска

Back To Top