skip to Main Content

Вооружени полицајци како придружба на УЈП влегле во скопските дискотеки (Видео)

Вооружени полицајци како придружба на УЈП влегле во скопските дискотеки (Видео)
  • 01.07.2018

Вооружени полицајци, како придружба на службеници на УЈП и на Пазарната инспекција, ноќеска упаднале во неколку дискотеки во Скопје и ги легитимирале гостите.

Меѓу клубовите е и култниот скопски клуб „Сектор“, објавија посетителите преку социјалните мрежи, револтирани од некоректниот однос на полицијата.

Според статусите на социјалните мрежи на гости – очевидци, барале да се изгаси музиката во „Сектор“ и го привеле сопственикот бидејќи се спротивставил на барањето. Во другите клубови, полицајци со оружје биле видени на подиум, во ди џеј кабина, насекаде низ локалите.

Додека се чека официјалниот став од МВР за ноќешната рација, оттаму неофицијално тврдат дека полицајци биле нападнати вчера и во текот на ноќта, па затоа при асистенцијата на УЈП и на Пазарната инспекција, носеле оружје како заштита. Иако неофицијално, негираат каква било употреба на сила врз граѓани при контролите.

За ова утринава реагираше Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови слободи и права која најави дека Хелсиншкиот комитет ќе бара одговори за потребата да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотеки полни со луѓе.

„Ќе се постави и прашањето на командна одговорност! Кој ја дал наредбата и зошто? Полицијата постои да ги заштитува граѓаните и да постапува во рамки на дозволена и неопходна примена на сила и мерки за присилба, секогаш заради обезбедување на сигурност и безбедност!“, напиша Пировска на нејзиниот фејсбук профил.

Комитетот ги повика сопствениците на дискотеките и граѓан(к)ите кои биле присутни и кои ги посведочиле настаните да поднесат претставка таму и во внатрешната контрола на МВР.

Back To Top