skip to Main Content

Власта и опозицијата се препукуваат чии советници се поскапи и побројни

Власта и опозицијата се препукуваат чии советници се поскапи и побројни
  • 16.05.2018

Кој има подолга листа на советници и за колку се поскапи тие на Груевски, од лицата кои сега го советуваат премиерот Зоран Заев. Советниците и денеска тема на препукување меѓу Власта и опозицијата. Портпаролот на владата Миле Бошњаковски ги отфрли критиките во јавноста дека Заев има премногу советници. Тој рече дека премиерот има 54 советници, што е помалку од бројот на советниците кои ги имаше Груевски во периодот од 2010 до 2016 година. Според досега собраните податоци пак сумата која претходната Влада ја плаќала за советување е најмалку тројно поголема од таа на сегашната.

Тој денеска појасни дека надворешните соработници на премиерот Заев не се фантоми, туку се луѓе со име и презиме, кои по професија се професори и експерти. Бошњаковски рече дека тие се избор на премиерот и тој ја оценува нивната работа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак денеска реагираше дека е скандалозен ангажманот на поранешниот шеф на одделот човечки ресурси на Основен Суд Скопје 1, Горан Стаменковски, како советник на Зоран Заев. Тие претходно побараа повлекување и на Силвио Аврамовски, за кого велат дека јавноста уште бара одговор дали тој бил осуден за вооружен инцидент и пукал врз специјалните безбедносни сили во Тетово.

Инаку владината прес-служба вчера објави дека за 91 советник и надворешни соработници на поранешниот претседател на Владата Груевски, годишно биле издвојувани 1,73 милиони евра.

Од 2.500 до 7.000 евра земале најскапите советници и соработници на експремиерот Груевски. Според списокот најмногу пари 7.000 евра месечно земал Роберт Валтер, поранешен потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Американецот Џорџ Пери за привлекување на странски инвестиции го чинел екс премиерот 5.000 долари месечно. Александар Никовски, син на поранешниот амбасадор Ристо Никовски, сегашниот лидер на ВМРО  Xристијан Mицкоски, Срџан Kерим и многу други контраверзни имиња има на листата на советници на Груевски.

 

Back To Top