skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Денеска во 18 часот седница на ЦО на СДСМ за кадровските промени
Последен ден од изборите во ЕУ, првичните резултати пред полноќ
Од среда започнува пријавувањето за социјална помош во центрите
Торонто влезе во големото НБА финале
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV

Вистината за правниот спор со ДИК и оркестрираната хајка на ММА – тема во Студио 1

Вистината за правниот спор со ДИК и оркестрираната хајка на ММА – тема во Студио 1
  • 18.04.2019

Изминатиот период гледачите на 1ТВ можеа да ја видат кампањата за тоа како и колку телевизијата беше обесправена во однос на правото да емитуваме платена политичка програма. Уредниците на 1ТВ ја образложија ситуацијата во денешното Отворено Студио 1, а директна провокација беа оркестрираната хајка и тенденциозните соопштенија кои ги објавува Македонската медиумска асоцијација (ММА), во која членуваат телевизиски куќи, а од кои може да се заклучи дека некои ги читаат членовите на Изборниот законик како што им одговара, а некои воопшто не ги ни читаат.

Главниот и одговорен уредник на 1ТВ, Ацо Кабранов, вели дека не е вистина дека Основниот суд Скопје 2 донел целосно незаконска пресуда за надомест на штета од 100.000 евра за 1ТВ.

-Тврдам дека не се неписмени, не е дека не знаат, и во Телма и во Канал 5 и во Алфа и во Алсат и во Сител, не дека не знаат да прочитаат дека немаме пресуда да ни бидат надоместени 100.000 евра, туку намерно, бомбастично, за граѓаните кои не се упатени, да им се наметне став дека на 1ТВ некој суд ѝ доделил од ракав 100.000 евра подарок, вели Ацо Кабранов и додава дека во медиумите постои, за жал, многу злоба и неразбирливо се однесуваат како 1ТВ да зема од нивните пари или од парите граѓаните, од кои впрочем за платената политичка програма им се плаќа и на нив.

Управителот на 1ТВ, Јасна Ерцеговиќ, вели дека неоспорно е направен превид од страна на 1ТВ со ненавремено доставување на ценовниците за платеното политичко рекламирање до ДИК, превид што телевизијата го призна пред институциите, но законот има решение за тоа.

-Законот во Член 75 345 ги креира критериумите и институциите до кои треба да се достави и ако задоцните во рок од 5 дена, нешто што во голем аспект го занемари ДИК е Членот 181А, каде што постои прекршочна санкција поврзана со Членот 75 од Изборниот законик – ако задоцните, плаќате прекршочна санкција која изнесува 8.000 евра, вели Ерцеговиќ.

Како што објаснува, телевизијата се обратила кај ДИК на 5. март, на што било одговорено дури на 22. март дека не ги исполнуваме условите.

-Според Уставот на РМ, во постапката има двостепеност. Во сите акти коишто имаат право на исклучување или оневозможување на некое право, мора да постои правна поука. Ние се обративме четири пати, само два пати добивме одговор, односно само известување, а не и акт со кој можеме да постапуваме понатаму. ДИК авторитативно, супериорно, се поставува како крајна инстанца на решавање. Во дел од барањата се обраќавме со молба да ни дадат акт по којшто ќе можат да постапат останатите институции во државата, односно да ги задоволат уставните нормативи. Побаравме и средба со г. Дерковски која не ја добивме, што повторно покажува на игнорантски однос во целата постапка. На 29. март, два дена пред почетокот на платената политичка програма, го добивме последното известување. Нашиот ценовник беше тргнат од нивниот сајт, објаснува Ерцеговиќ.

Следниот чекор што го преземаат ДИК, како што додава, е да ги известат политичките партии да не склучуваат договори со медиуми кои не се на листата што ја предлагаат. 1ТВ, иако добива известување, тоа не ја спречува да се обрати во институции како Управниот суд и Основен суд Скопје 2, но и многу порано до истите институции до кои се обратиле и ММА – ОБСЕ/ОДИХР, ДКСК, Народен правобранител, АВМУ…

Намерно или не, во реакцијата, ММА не се прецизни или манипулираат со терминот „одбивање“ или „отфрлање“, објаснува одговорната уредничка Гордана Дувњак.

-Она што е вистина и факт е дека известувањето на ДИК беше без правна поука и оттаму сосема логично дека Управниот суд, расправајќи по нашето барање, оценува дека е ненадлежен бидејќи нема пред себе реален правен акт, кој објаснува зошто одредено право се ускратува или се дава. Во конкретниот случај, Управниот суд, бидејќи нема реален правен акт, прво вели дека е ненадлежен да одлучува и затоа го отфрла барањето, но во образложението констатира дека ДИК „излезе надвор од своите права и овластувања, во насока на прифаќање и одобрување или неодобрување на ценовниците, веднаш, и тоа без разлика дали се навремено или ненавремено доставени“. Тоа значи дека ДИК има право да ги прифати ценовниците, но не и да ги отфрли, бидејќи ова е драстична мерка. Оттаму, со истата логика и образложение, и Вишиот управен суд постапува идентично со исти констатации како и понискиот Управен суд. Во таква ситуација, како 1ТВ да го оствари своето право? Кому да се жали? Ако е Управниот суд ненадлежен, единствено што може да го бара е времена мерка пред понискиот суд. Оттаму, ме чуди дрскоста на колегите и леснотијата со која излегуваат со констатации дека е незаконска одлуката на граѓанскиот суд, па дури и дека незаконски влијаел на изборниот процес, вели Дувњак.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.

Back To Top