skip to Main Content

(Видео) Што се случуваше пред и по гласањето за пристапувањето кон уставните измени – разговор во Студио 1

(Видео) Што се случуваше пред и по гласањето за пристапувањето кон уставните измени – разговор во Студио 1
  • 20.10.2018

Цел ден не се знаеше дали и кога ќе почне собраниската седница за гласање за почеток на процедурата околу уставните амандмани. Екс премиерот Никола Груевски целиот ден го помина на фотелја во преддворјето на пленарната сала, за да изврши притисок. Пратениците, кога видоа дека има и други во салата, се охрабрија да влезат, раскажува пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов за денот на гласањето.

На крај заврши поприлично добро. Се е издигнавме над партиските интереси. Јас сум оптимист дека до наредното гласање, бројот на пратеници кои ќе дадат поддршка ќе се зголеми. Од 120 пратеници, свесни сме дека единствениот пат за Македонија е интергација во ЕУ и НАТО. Мораме да бидеме на јасно дека на тој пат можеме да стигнеме преку договорот од Преспа. Постигнување на подобар договор од ова не може да има, вели Костадинов.

Како што објаснува, во текот на целиот вчерашен ден со пратениците се разговарало што ќе се случи доколку не поминат уставните промени и дека Македонија ќе се најде во изолација.

-Не се согласуваат со ставот на својата партија. Знаат на каде води ова. Подобрена е атмосферата меѓу пратениците во собранието, од таму треба да излезе пораката за да дојде до помирувањето, изјави Костадинов во отвореното Студио 1.

Џабир Дерала од Цивил смета дека голем дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ биле подготвени да гласаат, но се откажале поради страшните притисоци, но сепак била остварена победа на Западот против Истокот.

-Интензивно го набљудуваме теренот во Македонија. Вчера беше една класична победа на Западот против Истокот. Тоа беше прозападно ВМРО-ДПМНЕ кое го згази пропутиновскиот дел од ВМРО-ДПМНЕ. Јас сум убеден дека поголем број ќе гласаа, но од различни причини, особено поради притисоците, тие не гласаа, изјави Дерала.

Универзитетскиот професор Сефер Тахири вели дека во Македонија можете да си легнете како криминалец и да се разбудите како херој.

-Луѓето за кои зборуваме дека се херои, така беа окарактеризирани во соопштението на СДСМ, претходно беа криминалци. Истите за ВМРО-ДПМНЕ беа политички прогонувани и одеднаш истите политички прогонувани пратеници под притисок на Заев и на колегите беа прогласени за предавници. Треба сите да ја спуштиме топката, вели Тахири.

Тој потсетува дека за дел од пратениците од опозицијата не се водела никаква постапка и тој чин треба да се поздрави, но осомничените за тероризам одеднаш станаа херои.

-Чинот што се случи вчера, од позиција на политичар би го одобрил. Од позиција на човек што ги следи политичките настани, мислам дека ни Заев не е најсреќен од ова решение. Сепак, добро е што се случи овој настан што ја води државата напред, но дамката ќе остане, анализира Тахири и додава дека постои дилема дали требаше правна држава пред евроинтеграции или евроинтеграции пред правната држава.

Костадиновски објаснува дека помирувањето и амнестијата се две различни работи и дека е многу човечки да си простиме, наместо да се одмаздуваме.

-Процесот, во ниту еден момент, премиерот Заев не кажа дека ќе се наруши. Имаме обврска да објасниме која е суштината и содржината во изјавата на Заев, вели тој.

Во отвореното Студио 1 линковски се вклучивме пред Собранието, со пратеничката од СДСМ Ивана Туфегџиќ. Процесот немаше да биде историски да не беше драматичен, вели таа. Како што објаснила, немало неизвесност, но колегите се соочуваа со притисоци од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, вели пратеничката.

-Поразително е генерален секретар на политичка партија која се претставува како најголемата опозициска партија, како што е, да излезе и да зборува како на наддавање. Тоа е недолично и срамно спрема кој било пратеник, од која било политичка партија да излегуваат со такви срамни лаги како на наддавање. Тоа беше срамна прес конференција, што укажуваше сериозен гнев кај него кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, вели Туфегџиќ и вели до ова што се случи како што се случи дојде токму поради немањето став, калкулирањето и недозволивите притисоци.

Според неа, важна лекција е дека Собранието конечно мора да стане институција каде што пратениците ќе разговараат, ќе ги решаваат проблемите и ќе одлучуваат, затоа што заканите како тие на Мицкоски се недозволиви во демократска земја.

Туфегџиќ вели дека не бил очекуван гестот на станувањето на пратениците и одвојувањето од тие што гласаат, што било неубава глетка. За тоа како ќе дејствуваат пратениците во наредните гласања во рамките на процесот, таа смета дека нивните барања за амандмани на амандманите се прифатливи.

-Сега е почнат процесот следна фаза нацрт амандмани па предлог амандмани. Веќе денеска експерти почнаа да толкуваат барања, верувам дека тие се прифатливи. Во собранието ќе се пишуваат нацрт амандмани на уставот за потоа тоа да тече процедурално. Јас сум убедена дека повеќето пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе се придружат кон затворањето на процесот, дури и тие што не гласаа, вели Туфегџиќ.

Back To Top