skip to Main Content

(Видео) Пендаровски и Шекеринска смируваат – тензиите на Косово нема да ја загрозат безбедноста во Северна Македонија

(Видео) Пендаровски и Шекеринска смируваат – тензиите на Косово нема да ја загрозат безбедноста во Северна Македонија
  • 31.05.2019

Евентуални нови тензии на северот на Косово, со исти пропорции, нема да ја загрозат безбедноста на Северна Македонија, уверува претседателот Стево Пендаровски. Според него сите анализи на домашните но меѓународните релевантни безбедносни структури, покажуваат дека нема да биде разнишан мирот во нашата држава, но и соседните земји. Македонските безбедносни служби будно го следат развојот на настаните во Косово, а оценката е дека таму тензиите одат во надолна линија, вели претседателот. Пендаровски отворено одговори дека идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово и евентуално прекројување на границите е анахрона и припаѓа на 19 век.

– Бидејќи е неодговорно да се говори за една во суштина грозна идеја за размена за луѓе и територии во 21 век. Последен пат таква работа се случувала со поддршка на големите сили пред повеќе од еден век. Прашајте ги Грција и Турција дека ден денес влечат последици од таа размена на луѓе и територии. Не можам да замислам дека може нешто по страшно да се случи ако некој намистина сака да влезе во екзекуција на еден таков проект, изјави претседателот Пендаровски.

Пендаровски како нов врховен командант на вооружените сили, за прв пат го посети министерството за одбрана и генералштабот. Таму се сретна со министерката Радмила Шекеринска и началникот Васко Ѓурчиновски. За ситуацијата на Косово и евентуалното влијание врз безбедноста на државата говореше и вицепремиерката. Според неа Македонија наместо да стравува од безбедносна криза реши да делува уште кога новата владејачка гарнитура ја презеде власта, ставајќи го фокусот на зачленувањето во НАТО.

– Токму поради тоа не очекуваме ниту безбедносно влијание директно, ниту влијание врз економските показатели. Затоа што и граѓаните и бизнисот и домашните и странските инвеститори го препознаа членството во НАТО како инструмент да им гарантираме безбедност, и на нивниот капитал и нивните инвестиции, изјави министерката Шекеринска.

Денешната средба министерката Шекеринска ја искористи да ја изрази својата поддршка кон Пендаровски и да потврди дека Северна Македонија со него добила вистински врховен командант на вооружените сили. Пендаровски пак средбата ја искористи да потенцира дека ќе работи на модернизација, усовршување и професионализација на Армијата.

Антонио Крстевски

Back To Top