skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Саливан: САД силно го поддржуваат Преспанскиот договор
Димитров и Саливан: Реафирмирање на американската поддршка на интеграцијата на Македонија кон ЕУ и НАТО
„Титаник 2“ продолжува на 26. декември кога ќе се слушаат телефонски разговори
Поднесени седум амандмани на уставните измени – од независната пратеничка група, Алијансата на Албанците, Беса и Мухамед Зекири
Тело за помирување: Амнестија ќе нема за организаторите, тепачите и вооружените лица на 27 април
1ТВ достапна на Тотал ТВ
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK

(Видео) Ин мемориам: Почина режисерот и политичар Љубиша Георгиевски

(Видео) Ин мемориам: Почина режисерот и политичар Љубиша Георгиевски
  • 06.12.2018

Отворен за дијалог, со цинизам и хумор често и на своја сметка, но секогаш расположен за медиуми. Последната изјава ја даде за 1ТВ на прославта на годишнината на ВМРО-ДПМНЕ пред еден месец. Се пошегува во негов стил.

Ова е Љубиша Георгиевски, но Љубиша Георгиевски е и ова:

„Мислам дека основната дилема која ќе ја одлучи судбината на цела планета е дека треба да се совпаднат три, четири, пет или девет големи луѓе, со големи срца и умови и светот одеднаш ќе блесне како стихот на Рацин „Силно светнал ден“.

Ќе недостасува и на уметничка и на политичката сцена, бидејќи во уметноста го внесе сиот свој интелектуален и творечки потенцијал, во политиката страста и полемичноста.

Како член на ВМРО-ДПМНЕ во собраниското столче седна во 2006 година. Две години беше собраниски спикер. Знаеше и да ги налути народните избраници, но и да ги насмее, бидејќи никогаш не му недостигаше младешкиот дух.

Беше и претседателски кандидат во 1994 година. Амбасадор кај нашите соседи Бугарија и Србија, но и театарски режисер кој има поставено над 160 постановки во поранешна Југославија, Бугарија, Романија, Америка. Има објавено десеттина книги. Режисер е и на филмовите „Под исто небо“, „Планината на гневот“, „Републиката во пламен“ и „Цената на градот“.

Меѓу последните негови претстави се „Аферата Елсинор“ во Македонскиот народен театар (МНТ) и „Кристофер Колумбо“ во Драмскиот театар. Професорот по театарска режија и актерска игра е роден во Битола 1937 година а замина утринава на 8о и едно годишна возраст.

Весна Велкова Тодоровска

Сочувство од претседателот Иванов по повод смртта на Љубиша Георгиевски

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати сочувство по повод смртта на Љубиша Георгиевски.

Со голема тага ја примив веста за смртта на нашиот режисер, писател и професор Љубиша Георгиевски. Иако немам соодветни зборови кои можат да ја опишат големината на загубата, дозволете во овие тажни мигови да изразам најискрено и најдлабоко сочувство на неговото семејство и на целата македонска јавност. Со смртта на Љубиша Георгиевски загубивме голем интелектуалец, уметник и патриот. Со своето уметничко дело остави неизбришлива трага во македонскиот театар и филм инаугурирајќи се во креативен и мислечки бард на македонската уметност и култура. Зад него останаа повеќе од 160 театарски претстави и неколку играни филмови кои ја издржаа критиката на времето. Љубиша Георгиевски со својата луцидност, творечка храброст и човечка доблест беше наша гордост и инспирација, се наведува во телеграмата со сочувство.

Воедно се додава, дека во текот на исклучително богатата политичка и дипломатска кариера мошне одговорно и креативно ги одигра своите улоги на претседател на Собранието и амбасадор во Софија и во Белград каде ревносно ги бранеше државните интереси на Република Македонија, а како член на неговиот Совет за меѓународни односи, се наведува, тој даваше мудри совети и промислувања за клучните прашања за Република Македонија.

-И преку својот уметнички и преку општествениот ангажман до крајот на својот живот, Георгиевски се бореше за македонската кауза останувајќи верен на своите вредности, ставови и убедувања.Вечно ќе сме благодарни за сè што направи за Република Македонија и за наследството кое ни го остави и кое ќе остане патоказ и светлина за идните генерации. Вечна му слава и нека почива во мир, стои во изарзите на сочувство од претседателот Иванов.

Телеграма  со сочувство од премиерот Заев по повод смртта на Љубиша Георгиевски

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, испрати телеграма со сочувство до семејството на поранешниот претседател на Собранието, истакнат дипломат и професор, режисер и амбасадор, Љубиша Георгиевски.

-Неговата страствена посветеност на целокупниот општествен развој на Република Македонија ја издигна неговата специфичност до неповторлива препознатливост на театарската сцена, а посветеноста на политичките текови до претседател на Собранието на Република Македонија и амбасадор на Република Македонија. Практикувањето на неговите сестрани таленти, кои несомнено го врежаа до нивото на незаборавност во поновата историја на Република Македонија, се неговата бесмртност во севкупната културна и политичка меморија во Република Македонија. Дозволете ми уште еднаш да го изразам моето сочувство на вашето семејство, преку овие зборови кои се надевам дека ќе ви претставуваат утеха во деновите на жал, стои во телеграмата со сочувство.

1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.

Back To Top