skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Судењето за „27 април“ одложено за 31 јануари, Русковска информира дека во обвинението нема суштински измени
Сослушано обезбедувањето, блиски роднини на Груевски нема да сведочат
Нови рочишта за „Топлик“ и за убиството на Саздовски
Отровен воздух и привремени мерки: бесплатен превоз во ЈСП, за два дена продолжен зимски распуст и два дена скијање во Маврово за децата
Во Грција почнуваат парламентарните процедури за ратификација на Договорот од Преспа
Нимиц ја повика Грција да го ратификува Преспанскиот договор
Делегација на Собранието на зимската сесија на ПССЕ во Стразбур
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ

(Видео) Заев: Ги отворивме новите бели страници на иднината на Северна Република Македонија

(Видео) Заев: Ги отворивме новите бели страници на иднината на Северна Република Македонија
  • 12.01.2019

Нашата земја напиша историја, генерацискиот сон станува стварност, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција во Владата, по усвојувањето на уставните измени.

-Со одлуката за измена на Уставот на нашата земја, почна спроведувањето на македонско-грчкиот договор од Преспа за членство на Р. Македонија во НАТО и во ЕУ. Пратениците во Собранието, следејќи ги волјата и стратешките интереси на граѓаните, со двотретинско мнозинство овозможија да зачекориме низ отворените порти во најголемите западни сојузи, рече Заев и им се заблагодари на сите што гласаа за одговорната и голема одлука.

Како што рече, разбира колку било тешко да се притисне копчето, ја разбира горчината и гордоста на граѓаните за прифаќањето на исчекорот заради иднината на земјата и народот.

-Напишавме историја и ги отворивме новите бели страници на нашата иднина, за испишување на нова реалност, нова перспектива на Република Северна Македонија, земја членка на европското и евроатлантското семејство, изјави премиерот.

Најави забрзување на веќе отворениот пристапен процес во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ – иднина која на сите граѓани им гарантира безбедна, стабилна и економски силна држава. Според Заев, гласот за Преспанскиот Договор е глас против изолацијата и несигурноста, одлука што им дава сила на младите генерации и ги става рамо до рамо со нивните европски врсници.

-Одлука за безбедна и спокојна иднина, со која нашата Северна Република Македонија станува глобална земја, еднаков партнер на меѓународната сцена, земја која е дел од напредниот, демократскиот и правичниот свет, додаде тој.

Премиерот нагласи дека НАТО и ЕУ не прифатија како Македонци, со свој идентитет и своја гордост, како земја во чиј идентитет се вградени и идентитетите на сите нејзини граѓани, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци…

-Овие денови со нашиот пријател Грција ќе ги отфрлиме изолацијата и недоразбирањата и заеднички ќе го потврдиме ова историско решение. Убеден сум дека и пратениците во грчкиот парламент ќе ја препознаат нивната голема улога во овој историски момент. Силно верувам дека нашиот пријател Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе биде првата земја која ќе го потпише протоколот за пристапување во НАТО и потоа ќе ги поведе и останатите 28 земји членки на Алијансата да го направат истото, за да бидеме 30-та земја членка на НАТО, рече премиерот.

Како што додаде, со затворањето на спорот со Грција, веќе немаме ниедно отворено прашање со соседите, а создадовме и модел за решавање на спорови за кој ги добивме сите симпатии на меѓународната заедница.

-Презедовме одговорност и покажавме капацитети да решаваме, а не да одложуваме и да профитираме на штета на интересите на граѓаните и на стратешките цели на државата. Заеднички ќе го дочекаме исходот од гласањето на грчкиот Парламент, заедно ќе работиме дома, на помирувањето и на националното обединување, нагласи Заев.

Тој најави дека уште денеска, ги здружуваме сите сили кон новиот економски и реформски поход, затоа што сега е потребна многу работа дома.

-Шансата која ја создадовме е во нашите раце. Должност ни е да го искористиме моментот, да го искористиме до крај тоа за што се боревме – подобар живот за сите граѓани, подобри можности за нашите деца и земја со фер општество. Поголем просперитет, растечка економија и подобри плати, рече Заев.

Според него, промената е неизбежна, затоа што граѓаните избраа иднина, просперитет, НАТО и Европска Унија. На сите министри, градоначалници и вработени во јавната администрација им порача да работат понапорно, поефикасно и пофокусирано, за заедничката цел – подобар живот за граѓаните.

-Од денес влегуваме во сериозни економски и реформски иницијативи, кои се високо на нашата агенда за 2019. Да ги убедиме сите инвеститори кои се двоумеа дека имаат безбедна земја партнер, пријателска средина за бизнис и за нови работни места за нашите граѓани, рече премиерот, додавајќи дека нови инвеститори ја чекале вчерашната одлука, за да донесат своја одлука.

Најави ново покачување на минималната плата, за да се поттикне уште една спирала на раст на сите плати во државата и дека во 2019 граѓаните може да очекуваат поврат до 15% од ДДВ од купените производи или платените услуги.

Заев побара од граѓаните да помогнат за изградба на солидарна Македонија, за обнова на државниот и општествениот систем уништен од претходниот режим.

-Имам јасен апел и до опозицијата: постојано повикувајте на наша одговорност, барајте од нас да го испорачаме тоа што сме го ветиле, но заборавете на опструкциите. Тие не му носат никому никакво добро. Не го попречувајте прогресот. Така само му нанесувате штети на народот, на нашата држава, но и на себеси. Веќе не можете да ја избегнувате вашата одговорност кон земјата. Бидете дел од новите поглавја во македонската иднина, рече Заев.

На новинарско прашање на новинарот на 1ТВ Христијан Баневски дали со гласањето на уставните измени се става крај на сите пазарења, амнестии и компромиси за повисоката цел – НАТО и ЕУ, Заев рече дека правниот систем веќе испраќа пораки за враќање на правдата во државата.

-Затоа по цена на политички ризик тргнавме по политичкиот систем, Влада и Парламент. Таму ја донесовме амнестијата. Знаете дека тоа носи одговорност, негативни поени за политичарите, и за мене и за Владата, коишто го отворивме процесот. Но не дозволивме да се чепне во правниот систем. Во целата постапка, убеден сум дека може да се издигне како феникс нашиот правен систем, затоа што ги знам законите коишто ги донесовме и законите кои се во подготовка, а знам и дека не се доволни. Тоа зависи од секој поединец во правосудството. Ги охрабрувам да делат правда. Не треба да му учинат ништо на Заев или на власта, оваа или која било друга, рече Заев и повтори дека според доказите, секој што згрешил треба да одговара.

За барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Парламентот и вонредни избори заедно со претседателските, Заев порача дека Македонија треба да го искористи наредниов период заради економијата и реформите, за да стане нормална земја.

-Сите знаат, а знае и г. Мицкоски, дека тоа што го бара, моли Бога да не се случи. Но тоа го бара првиот човек на опозицијата и затоа сериозно ќе размислиме. СДСМ на своите највисоки органи и тела најбрзо можно ќе го отвори ова прашање. Следат претседателски избори и е вредно за размислување како прашање, затоа што не сакаме да оставиме каква било трага на пренемагање, уцени или што било во општеството, порача Заев.

На прашање на грчки новинар за порака до граѓаните што се против Договорот од Преспа, премиерот одговори дека ситуацијата во Солун и Грција е иста како и во Македонија – горчкива, но и голема одлука.

-Сакам да испратам сериозна порака до пријателите во Грција – нашиот Парламент смогна сили. Не беше лесно, но донесовме одлука со огромна надеж за иднината. Верувам дека и грчкиот Парламент ќе смогне сили и ќе донесе одлука, но многу поважни се граѓаните. Прво, добиваме нов пријател, а исто и Грција – Северна Македонија. Тоа отвора огромни перспективи за сите. Имаме договор за пријателство и за стратешка соработка. Грција повторно е еден од највлијателните партнети или земји во целиот регион, придонесува за траен мир и стабилност на регионот, но и за економски просперитет на целиот регион, а сигурно и на Грција. Само последните 10 месеци од 2018 година, трговијата меѓу нас и Грција е зголемена за 18,7 проценти. По гласањето во грчкиот парламент, тоа ќе биде повеќе од 20% трговија. Економијата ќе расте, рече Заев.

1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.

Back To Top