skip to Main Content

(Видео) Екипите на 1ТВ ја пренесуваат атмосферата од местото на автобуската несреќа и болницата каде што се хоспитализирани повредените

(Видео) Екипите на 1ТВ ја пренесуваат атмосферата од местото на автобуската несреќа и болницата каде што се хоспитализирани повредените
  • 13.02.2019

Надлежните здравствени служби ги соопштија имињата на хоспитализираните од автобуската несреќа на патот Скопје-Тетово во близина на Сарај. Преку линковските јавувања во Централниот дневник на 1ТВ, новинарите Игор Стефановски и Антонио Крстевски ги пренесоа последните информации од болницата „8 Септември“ каде што се примени дел од повредените во трагичната автобуска несреќа и од местото на самата несреќа.

Стефановски ја пренесува изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, кој потврди дека се загинати 13 луѓе, од кои седум на самото место и уште шестмина во болница, додека уште петмина се борат за живот, а повредена е и бремена жена. Тој информира дека во болницата се повикани на работа сите дежурни екипи, во ургентниот центар и во операционите сали. ОЈО врши увид на местото на несреќата, а во болницата е присутен и министерот за внатрешни Оливер Спасовски, кој најави официјално соопштение.

Новинарот Крстевски од местото на несреќата кај село Ласкарци јавува дека ги дочекала страшна глетка – 10-тина возила на брзата помош пристигнати од Скопје за да ги префрлат повредените во болница. На терен е и екипа на ОЈО која врши увид за да ги утврди точните причини како се случила несреќата. На автопатот новинарската екипа ги видела оштетувањата што ги предизвикал автобусот кога изгубил контрола и излетал од патот пробивајќи ги заштитните огради и излетал во соседната нива по пад од 4-5 метри, превртувајќи се. На местото пожарникарски служби со тешка механизација го исправила автобусот кој бил превртен на покривот.

Во второто линковско јавување Стефановски информира дека пред болницата „8 Септември“ веќе се пристигнати голем дел од роднините на патниците во автобусот и чекаат информација за нивната состојба и ја чекаат официјалната листа што треба да ја издадат здравствените власти. Во болницата се донесени 33-ца патници, петмина од нив се починати по неуспешен обид за реанимација, додека четворица се на операциона сала, а во критична состојба се вкупно петмина. Еден од починатите е во старата Градска болница во центарот на Скопје.

Новинарот Крстевски во Ласкарци кај местото на несреќата разговараше со портпаролот на МВР Тони Ангеловски, кој рече дека околу 16.35 автобусот на „Дурмо турс“ кој се движел од Скопје кон Тетово излетал од патот и се превртел.

-Разговарано е со возачот, тој е исто така во болница. Во тек е увидот, на лице место се Јавен обвинител, екипи на МВР и кога ќе заврши увидот соодветно ќе информираме, рече Ангеловски и додаде дека увидот ќе продолжи до изутрина, по што ќе ја известат јавноста.

Тој потврди дека на местото на несреќата биле и министерот за внатрешни Оливер Спасовски и заменикот Агим Нухиу, кои потоа се упатиле во клиниките во Скопје за да видат каква е состојбата на повредените. Екипата на 1ТВ, пак, соопшти и дека на местото пристигнало возило на погребалната служба за да ги земе загинатите патници.

Back To Top