skip to Main Content

(Видео) Договорот од Преспа ја вжешти политичката сцена во Грција

(Видео) Договорот од Преспа ја вжешти политичката сцена во Грција
  • 09.01.2019

НАТО очекува до 15-ти февруари во двете земји да завршат сите процедури околу Договорот од Преспа. Македонскиот парламент закажа седница на 9-ти јануари, а се прават подготовки и во грчкиот. Двете страни објавија дека го обезбедиле потребното мнозинство.

-Имам информации дека минимум 80 пратеници, впрочем и нешто над 80 пратеници, се уверија дека иднината на РМ е единствено во НАТО и ЕУ, а тоа е условено со Преспанскиот договор и уставните измени, што треба да се случат најдоцна до петок неделава, изјави генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски.

-Членовите на Независни Грци што нема да го следат Каменос ќе ја испочитуваат програмата што ја изгласавме во 2015 и сметаат дека овој договор е во национален интерес. Не само што имаме 151 пратеник за Договорот од Преспа, туку и за владино мнозинство, рече Еуклид Цакалотос, министер за финансии на Грција.

Пред крајниот рок за ратификација на Преспанскиот договор, 15 јануари, во Грција растат тензиите меѓу Сириза и Независни Грци. Двата кампа велат дека се подготвени за евентуално растурање на владината коалиција. Пред средбата со Ципрас, Каменос утре наутро треба да се сретне со своите пратеници. Дел од нив потврдија дека можеби ќе го поддржат Договорот, шизма од политиката на Каменос кој рече дека ќе гласа против. За да го пресмета исходот од средбата на Независни Грци, наместо вечерва, Ципрас ќе се обрати до јавноста утревечер. Во меѓувреме, владини функционери вршат сложена операција – да ги убедат коалиционерите да го поддржат Договорот, без да се растури Владата. Третиот партнер, Потами најави дека ќе го поддржи Договорот, но не и Владата во случај на гласање на доверба. Ова пак, го бара Нова Демократија, а Ципрас ја предизвика да поднесе таков предлог.

Во петок во Атина треба да пристигне и германската канцеларка Меркел, за да го поддржи Ципрас пред ратификацијата. Ќе се сретне и со лидерот на Нова Демократија, Мицотакис, кој ќе и пренесе дека останува на ставот против. „Катимерини“, повикувајќи се на добро информирани извори, пренесува дека НАТО сака најбрз можен процес. „Постои писмо од Генералниот секратар Столтенберг, во кое повикува сите процедури во двете престолнини да завршат до 15-ти февруари 2019 година“, објави весникот и додава дека тоа ги забрзува и активира и процедурите во Атина, па ратификацијата може да се очекува и пред рокот.

Back To Top