skip to Main Content

(Видео) Владата нема метод да ги изброи иселените – тие кои се враќаат почнале да се каат

(Видео) Владата нема метод да ги изброи иселените – тие кои се враќаат почнале да се каат
  • 10.04.2019

Владата нема метод за да утврди колку македонски граѓани се отселиле во минатите години. Факт е дека демографијата и немањето капацитет за демографска свест кај претходната влада но тие пред неа, доведе до масивно иселување, вели портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски. Според Бошњаковски депопулацијата на државата се случува повеќе од 17 години, а паралелно со тоа и стареење на населението.

– Додека некои правеа мерки за трето дете и кои што ги најавуваа како демографски мерки, факт е дека не беа. Ниту еден експерт меѓународен не ги поддржа тие мерки еве го гледаме резултатот конкретно на тие популистички мерки. Демографски развој не може да се постигне во период од две години, тоа се клучни бројки. За жал немаме бројка колку млади се иселуваат но се што правиме и сите политики кои што ги креираме е со интенција тие млади да ги вратиме во Република Северна Македонија, изјави Бошњаковски.

А една од тие млади личности кои работеле во странство а сега се вратиле во Македонија е Марија Петровска. Дипломирала во Удине, работела во Италија и Германија но одлучила да се врати дома, и тука да создава и просперира. Но не излегло се како што планирала.

Мислам дека веќе ја добивам таа доза на каење бидејќи сум се вратила тука за во родната земја да го барам парчето леб, да допринесам со своето знаење и исто така ад можам да поминам време со својата фамилија. Сега моментално тоа се новите предизвици бидејќи се соочувам со целосниот колапс, морален професионален и секаков во кој живеееме во нашава држава, вели Петровска за 1ТВ.

Една од најсериозните последици која ги остава иселувањето е недостатокот на стручен медицински кадар. Доктор Божидар Кочовски е млад хематолог кој заедно со Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари на Македонија се трудат барем да ги ублажат последиците од бегањето на медицинскиот кадар од државата.

– Алармантна е ситуацијата со педијатри, во сите региони. Мислам дека проблемот на педијатрите допрва ќе се почувствува кога ќе замине една генерација. Веќе имаме напуштање на една одлична генерација која што замина во приватен сектори и имаме една генерација која што приватно ќе замине во пензија и која што нема да може да ја компензира побарувачката односно потребата за таков вид на кадар, изјави во Отворено Студио 1, Кочовски.

Според податоците на Обединетите нации и Виенскиот институт 25 отсто од населението во Македонија е иселено. Во 2015-та година земјата забележала рекорден број на иселување споредено со 2000 година.

Антонио Крстевски

Back To Top