skip to Main Content

(Видео) Британскиот парламент гласаше против Договорот за Брегзит на Меј

(Видео) Британскиот парламент гласаше против Договорот за Брегзит на Меј
  • 15.01.2019

Пратениците во британскиот парламент го отфрлија Договорот за Брегзит на премиерката Тереза Меј со ЕУ. На барање на лидерот на опозициските Лабуристи Џереми Корбин за утре е закажано гласање на доверба на Владата во Долниот Дом. Против планот на Меј гласаа 432 пратеници, а го поддржаа 202.

Вечерашното гласање покажа дека пратениците не го поддржуваат Договорот, но не кажува ништо за тоа што поддржуваат или како и дали воопшто да се испочитува одлуката на народот на референдумот. А луѓето, особено граѓаните на ЕУ овде и Британците во ЕУ заслужуваат јаснотија во врска со овие прашања најбрзо што може, а исто и бизнисите. Сега прво мораме да провериме дали владата ја има довербата на парламентот. Јас верувам дека ја има, но со оглед на вечерашното гласање, треба и други да проверат. Ако опозицијата поднесе барање за гласање на доверба, ќе дебатираме за него, изјави Меј.

Корбин изјави дека ова е најголем пораз за британската влада уште од 1920 година и ја обвини Меј дека се обидува да ги убеди луѓето од парламентарната говорница, иако народот и парламентарните партии го кажаа своето.

Ја слушам премиерката, но и делата на нејзината влада во изминатите две години зборуваат подеднакво јасно. Сега подава рака само за да го одржи нејзиниот пропаднат процес, откако беше отфрлен од Парламентот во име на народот. Лабуристите ги изнесоа своите приоритети: ниеден договор нема да биде исклучен од преговорите, мора да се обезбеди постојана царинска унија и да се гарантираат заштитата и правата на граѓаните. рече Корбин.

Против Договорот на Меј не гласаше само опозицијата, туку и нејзини пратеници. Северноирската Демократска Унионистичка партија најави дека ќе ја поддржи владата на утрешното гласање на доверба. Брзо пристигнаа и реакциите од Брисел – „Ако договорот е невозможен, а никој не сака да излезе без договор, кој ќе има конечно храброст да каже кое е единственото позитивно решение“, напиша претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск на Твитер. Од претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер пристигна порака – „Ја повикувам Британија да ги разјасни намерите колку што може побрзо. Времеро само што не истекло“. Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Брисел не треба да преговара повторно со Лондон.

Соочена со овој пораз, премиерката Меј има време до понеделник да најде „план Б“. Инаку, само 73 дена до крајниот рок на 29-ти март, Британија влегува во фаза на неизвесност и хаотично повлекување од ЕУ.

Back To Top