skip to Main Content

(Видео) „Бомби“ повторно во Кривичен, Кацарска продолжува да ѝ суди на Јанкуловска за „мерцедесот“

(Видео) „Бомби“ повторно во Кривичен, Кацарска продолжува да ѝ суди на Јанкуловска за „мерцедесот“
  • 04.09.2018

Прислушуваните телефонски разговори, вкупно 8 на број повторно беа презентирани во Кривичниот суд во случајот за набавката на „мерцедесот“ од 600.000 евра. Гласовите на поранешните владини функцинери, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска одекнаа во судската сала. Разговараа околу нарачката на блиндираното возило, импресиите од неговите опции, како да се користи, за да не го примети јавноста.

Претходно, во раздвоената постапка за случајот „Тенк“ на СЈО, која е против екс – министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска сведочеа актуелни и поранешни вработени во „Мак Ауто Стар“ од каде е набавен „мерцедесот“. Поранешниот директор на продажба не се сети дали нарачката за луксузниот „мерцедес“ била резервирана пред или по објавата јавната набавка.

На почетокот на главаната расправа, бранителот на Јанкуловска, адвокатот Боро Тасевски побара изземање на судијката Добрила Кацарска, повикувајќи се на мислење на Комисијата за заштита од дискриминација, која утврдила вознемирување. Во мислењето, меѓудругото, се вели дека судот не и го признал правото на бременост на Јанкуловска и закажувал многу рочишта дури и во деветтиот месец од бременоста на обвинетата. Шефот на Кривичен Иван Џолев го одби барањето и судијката Кацарска останува да суди по предметот. Судот образложил дека мислењето од Комисијата не е релевантно, Кацарска постапила по Законот за кривична постапка.

„За жал, читајќи го на брзнина решението коешто туку што на рака го добивме, јас не видов дека Претседателот на судот воопшто се осврнал на вториот основ на изземање, а тоа е веќе формираното мислење и став на судијата Добрила Кацарска во врска со обвинетата Гордана Јанкуловска, во врска со нејзината вина, во која допрва сега одлучува а веќе се има прозинесено дека смета дека е виновна“, изјави бранителот на Гордана Јанкуловса, адвокатот Боро Тасевски.

Утре продожува судскиот процес за набавката на „мерцедесот“ со испрашување на сведоци предложени од одбраната.

Игор Стефановски

Back To Top