skip to Main Content

Атанасов во Студио 1: Мене и на мојот тим не ни беше дадена шанса да ја реализираме програмата

Атанасов во Студио 1: Мене и на мојот тим не ни беше дадена шанса да ја реализираме програмата
  • 26.06.2019

Во неделата беа објавени имињата од премиерската „метла“, но некои луѓе што не ги зафати решија да заминат сами. Заменик-министерот за образование во заминување Петар Атанасов вели дека уште пред реконструкцијата дал на знаење дека заминува, но премиерот Зоран Заев рече дека оставката ја дал бидејќи не станал министер.

-Пред два часа и писмено ја потпишав мојата оставка. „Почитуван премиер, ве известувам дека давам оставка на позицијата заменик-министер за образование и наука. Причините за состојбите во образованието веќе ви ги образложив пред два месеца во вашиот кабинет, кога ви елаборирав дека образованието е девастирано и не може да се реформира со козметички измени. Потребни се храбри и големи чекори за промени во системот. Заради тоа, ви предложив дека ако сте подготвен да ми го понудите да го водам Министерството за образование, со задоволство ќе го прифатам тоа. Искрено жалам што тоа не се реализира. Сепак ви благодарам за шансата да ја извршувам функцијата заменик-министер во изминатите 10 месеци“, ја прочита оставката Атанасов.

Според него, улогата на заменик во министерството во нашиот систем е мала. Изминатите месеци бил соочен со илјадници барања, жалби и проблеми, со наставници и директори и како што вели, од него се барале решенија, но рацете му биле врзани.

-Немав никакви овластувања и ингеренции и никакви задолженија од страна на министерот, што не е случај во други министерства и во други држави, вели тој и додава дека неговата комуникација со министерот била ретка и сиромашна, а задачите што ги добивал биле процедурални.

Тој вели дека не можел да си дозволи да остане во систем кој продолжува по старо, а со министерот имале концепциски несогласувања во неколкуте разговори – Адеми сакал да продолжат старите проекти, Кембриџ, Академијата за наставници, да не се брза со закони, да се продолжи по инерција, додека тој сакал, како креатор и автор на програмата и на СДСМ и на дел од програмата влезена во Владата, да се сменат работите.

-Бидејќи не можев да ги спроведувам проектите што ги планирав или ги замислував, за кои се залагав, зарем нема поприродна работа од тоа да разговарате со премиерот дека сте подготвен да водите ресор за кој сте претседател на партиската комисија за образование на СДСМ од 2014. Јас сум пет години претседател на партиската комисија, јас заедно со голем тим сум креатор на програмата за образование. Главната причина за мојата оставка во една реченица: мене и на мојот тим што ја креиравме оваа програма воопшто не ни беше дадена шанса да го реализираме тоа, рече Атанасов.

Back To Top