skip to Main Content

Антикорупциска во офанзива да се покаже како ефективна – тема во „Правда и неправда“

Антикорупциска во офанзива да се покаже како ефективна – тема во „Правда и неправда“
  • 14.05.2019

Изминуваат три месеци од новиот состав на Антикорупциската комисија, избрана во февруари, преку транспарентна постапка и со нови надлежности. Од формирањето на ДКСК во 2002 поминаа речиси 17 години и за целиот период беа отворени илјадници предмети, се сменија десетина претседатели, но само еден предмет заврши со судска постапка – „Бачило“.

Последните 10 години Антикорупциска како да беше во зимски сон, а за да биде апсурдот поголем, претпоследниот состав падна на испитот на корупцијата и дури 5 членови си дадоа оставка. Македонија цели 10 месеци функционираше без ова важно тело.

Што сработи за ова кусо време новиот, петти состав, пред кој стојат многу предизвици, но и очекувања. Во емисијата „Правда и неправда“, гостуваат двајца антикорупционери од првиот состав на ДКСК, Слаѓана Тасева и Драган Малиновски и актуелниот Владимир Георгиев.

За ДКСК имаше забелешки дека меѓу два изборни круга отвори случај за опозицискиот лидер Мицкоски, што во некои кругови беше протолкувано како мешање во изборите.

-Ако ги следевте изборите од почетокот, отворавме предмети врз основа на пријави или претставки. Веднаш по завршувањето на првиот круг, бидејќи имаме законски рокови, откако ќе ги отвориме пријавите, да донесеме одредена одлука, веднаш по првиот круг отворивме десетина претставки за непотизам на актуелната власт. Но ние постапуваме неселективно. Една недела откако ги отворивме, имаше наводи од другата страна во врска со предметот, па затоа го отворивме и тоа, објаснува Георгиев и додава дека не смее да постои селективност, без разлика што претставките доаѓаат во изборен период.

-Имаше еден подолг период на застој во работењето на ДКСК, ние од првиот состав секогаш зборувавме за тоа и велевме дека институцијата е неопходна, затоа што имаше разговори и дека треба да се укине, затоа што ништо не работи. Очигледно дека веќе можеме да направиме споредба. Се покажа дека кај нас процесите се реверзибилни, може да се вратат на почеток по 17 години од сѐ што поминавме, вели Тасева.

-Недовербата или недоволната доверба во останатите институции сега ги сврте сите погледи кон Антикорупциска. Сега сите се задоволни бидејќи комисијата стана видлива. Главен проблем и во забелешките на ЕК беше тоа што Комисијата не е видлива, ја нема во јавноста и не ја исполнува функцијата во градењето на политики, перцепции, реакции за одредени случаи. Сега Комисијата е видлива, од времето на конституирањето и тоа беше добар влез во приказната на новиот состав, рече Малиновски.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top