skip to Main Content

Анализа во Студио 1 на резултатите од анкетата за референдумот на 1ТВ и „Рејтинг“

Анализа во Студио 1 на резултатите од анкетата за референдумот на 1ТВ и „Рејтинг“
  • 24.09.2018

По 27 години потрага по идентитетот и обид на една нација да се соочи самата со себе, не е лошо само околу 30% од населението да се изгубени во реалноста, а друг дел од околу 50% да имаат колку-толку јасна претстава каде одат, вели Пеце Талевски од продукција ОХО по соопштувањето на резултатите од анкетата за референдумот што ја спроведоа 1ТВ и „Рејтинг“.

-Мислам дека ова е добра назнака дека референдумот или целиот овој процес ќе биде успешен и на крајот прашање е уште колку време ќе се тегнеме со тоа, три месеци, шест месеци или една година, но целиот тој процес ќе заврши со едно наше стратешко редефинирање како дел од НАТО и понатаму со надеж дека ќе бидеме дел од ЕУ, изјави Талевски.

Резултатите ја одразуваат ситуацијата на терен, особено растечката поддршка за ЕУ и за НАТО, вели Џабир Дерала од граѓанската организација „Цивил“. Сепак, вели, анкетите не покажуваат една друга состојба на теренот.

-Тоа се состојби коишто луѓето ги преживуваат во текот на денот и кои не можат секогаш да бидат отсликани во една ваква анкета. Тензиите и поделеноста во општеството се прилично изразени, владее извесна анксиозност, страв кај дел од граѓаните кои, особено во помалите, рурални средини се соочуваат со структури кои се служат со недозволиви работи, изјави Дерала.

Како што објасни, забележани се две од десет категории кои ги покриваат, а се однесуваат на нерегуларностите во процесот – притисоци, закани и поткуп за негласање

-Апелираме до оние што се предмет на ваквите манипулации и притисоци да го пријават тоа во полиција, бидејќи е кривично дело и едното и другото, и примањето и давањето поткуп, потсети Дерала.

Според Талевски, сигурно е дека се соочуваме со историјата, но дискутабилно е дали граѓаните се свесни ако еден глас го продаваат за 1.500 денари поткуп.

-Многу се поинтересни делот што се „ЗА“. Толку сме сите напред во тоа дека е толку битно, меѓутоа постои една сенка кај сите нас. Тоа особено се гледа кај политичарите, како да се уплашени од нивното поглавје во Енциклопедија Британика, како ќе бидат запишани во учебниците по историја, вели Талевски и додава дека тоа е сепак непотребен став.

Back To Top