skip to Main Content

Нови рочишта за „Тревник“, „Насилство во Центар“ и „Шпион“

Нови рочишта за „Тревник“, „Насилство во Центар“ и „Шпион“
  • 06.03.2019

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тревник“, „Насилство во Општина Центар“ и „Шпион“.

Во случајот „Тревник“ обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Судското рочиште денеска треба да се одржи и за предметот „Насилство во Општина Центар“ во кој се обвинети 14 лица, меѓу кои и екс премиерот Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

На претходните рочишта, вината за случувањата пред Општина Центар вo јуни 2013 година, ја признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски.

Во судот за денеска е закажано и рочиште за предметот „Шпион“. Во првостепна постапка за овој случај беа осудени сите 19 обвинети. Највисока казна затвор доби првоосмничениот Марјан Ефремов, а меѓу осудените за соработака со странски тајни служби се и екс генералот на единицата „Лавови“, Горан Стојков, поранешниот директор на Управата за спречување перење пари, Ване Цветанов и поранешниот висок функционер во УБК, Александар Диневски.

Back To Top