skip to Main Content

МВР молчи за омаловажувачкиот говор на Бетмен кон полицијата (ВИДЕО)

МВР молчи за омаловажувачкиот говор на Бетмен кон полицијата (ВИДЕО)
  • 29.04.2018

Повеќе од една година, МВР не постапило по документацијата поднесена од полициски службеници, кои за време на еден од протестите „За заедничка Македонија“ биле омаловажувани додека го обезбедувале собирот.

Еден од организаторите на протестите, кои завршија со крвавиот упад во Собранието, Богдан Илиевски – познат како Бетмен, од говорница, тогаш упати навреди кон сопругот на пратеничката Фросина Ременски – Јовче Ременски.

Тој денеска на својот фејсбук профил потсети дека случајот е документиран и го објави видеото од говорот на Бетмен при што напиша:

„На 11.04.2017г на ненајавен протест на кој учествувааа земјоделска механизација и градежни машини меѓу кои и багер се случи омаловажување на полициски службеници при вршење на служба односно при обезбедување на протестот. Еден од учесниците упати зборови со омаловажувачка содржина во време додека баш тие полициски службеници се грижат за безбедноста на ненајавениот протест на кој се движеше тешка механизација и претставуваше висок ризик за уцесниците и пошироко. Случајот е уредно документиран и пријавен заради понатамошна постапка!“ – напиша Ременски на својот фејсбук.

Имено, од видеото може да се забележи како Бетмен го посочува Ременски, кој за време на протестите го обезбедувал настанот, по што демонстрантите започнуваат да го исвиркуваат.

Но освен тоа, во претставката поднесена до МВР, а до која дојде 1ТВ се наведува и дека истовремено, Ременски и уште еден полициски службеник биле фотографирани од машко лице на возраст од околу 20 години, за кое подоцна, според нашите извори, се испоставило дека е Андреј Мицов – учесник во насилствата од 27 април, кој доби 30- дневен притвор.

За претставката по овие настани, МВР се уште не се произнело, а не беа достапни ниту на повиците од 1ТВ за одговор на овие прашања.

 

Back To Top