skip to Main Content

Македонија 2018: Трнливиот пат на „големиот патриот“ Груевски, братучедот од хотел во Шутка

Македонија 2018: Трнливиот пат на „големиот патриот“ Груевски, братучедот од хотел во Шутка
  • 02.01.2019

Бегството од Македонија води директно до Европската Унија, дури и ако си осуден криминалец. Претпоставувам, бројот на пријатели зависи правопропорционално од висината на сумата со која се учествува во бизнисите.

После макотрпна година помината по судници, секако како обвинет, пратеникот НГ се здоби и со докторско звање. Тоа што одбраната на трудот изгледаше како рекламен спот за фалење на неговата владата, ќе го занемариме, па и онака до диплома се стигнува со пари, не со знаење. Зошто не би можел и поранешниот премиер после Мр да си закачи и едно Др пред името. Човек визионер.

Се спремал за во ЕУ. Преку Унгарија. Всушност, преку Албанија, Црна Гора, Србија и Унгарија. Трнлив пат… па гепеци, па киднапирања… тежок живот бегалски, пардон европски. Додуша пратеничката плата му е македонска, но да не го жалиме се уште ги има оние 230 илјади евра кои си ги извадил од неговите бројни банкарски сметки два месеци пред да стане европјанин. Секако, секоја информација поврзана со одливот на пари од неговите сметки е даночна тајна.

Тајна е и која институција треба да понесе одговорност за бегството, додека надлежните одговорно си ја префрлуваат топката. Одговорност нема да бараме ниту од Царинската управа чии вработени одат на преглед кај доктор Груевски во Будимпешта…. Ние не го најдовме диктаторот, пардон докторот, иако го баравме дури и во вилата на неговиот пријател. И пријателот ја избегна нашата камера, но народот во неговата „европска“ држава ни позавиде на слободата.

Од одговорност се оградија и неговите адвокати кои останаа неополномоштени. Па така, „големиот патриот“ ги остави сопругата и децата со последиците од неговото владеење и отиде да ужива во скапите оброци во унгарската престолнина. Во скапи оброци уживаше и неговиот братучед, но во затворот во Шутка. Од „Мериот“ секој ден се испраќаа топли оброци за Сашо Мијалков.

Она кога си помоќен од сенка ама ќе заглавиш зошто братучедот те претркал.

„Паднатиот“ шеф на тајната полиција неочекувано беше посетен од полицијата во својот хотел. Откако таргетот беше погоден во удобноста, тврдината се пресели во затворот во Шутка. А да, причината беше можноста за бегство со оглед на неговите длабоки сметки во други држави, а богами и бегството на осудениот братучед беше земено во предвид. Стравот лозјето го чува. И секако, мора да се испорача барем дел од правдата, за да се задржи имиџот на реформатор. Реформите ја занишаа империјата, па затворската треска ги стигна и бизниспоседниците.

Ексико од Холдингот, нема пелистерски воздух во приворската ќелија. За среќа, реформирањето заврши пред нова година, па откако медиумите подзаборавија на бегството, притворените се вратија во своите  домови, секако со полициска придружба. Во духот на помирувањето. Помирените реформи се повеќе ја губат довербата од јавноста која не може да се помири со помиреното разочарување. На западот ништо ново, на истокот се по старо. Како и да е, надежта последна умира, а целта е секако иста – европска.

Кристина Атовска

Back To Top