skip to Main Content

Димитров бара мудрост и нерви пред средбата со Коѕијас

Димитров бара мудрост и нерви пред средбата со Коѕијас
  • 22.05.2018

Министерот за надворешни работи Никола Димитров отпатува за Њујорк, каде што во четврток и во петок треба да се сретне со грчкиот колега Никос Коѕијас и со медијаторот Метју Нимиц за новата рунда преговори.

Овој пат македонската страна повторно ќе го стави на маса предлогот Република Илинденска Македонија, кој Грција веќе го одби. Пред полетувањето, министерот на својот фејсбук профил побара не да му пуштат среќа, туку мудрост и нерви.

Дојче Веле пренесува дипломатски извори според кои се вжештиле телефонските линии до Атина и Скопје, поради мобилизацијата на европската и американската дипломатија „да се зачува остварениот капитал од досегашните разговори, за да не спласне довербата меѓу соговорниците во процесот“.

Дипломатската офанзива имала за цел да ги врати на маса сите точки кои довеле до високо приближување на ставовите меѓу Македонија и Грција, речиси на чекор до решение. Според дипломатите, не може да се имаат посебни очекувања од претстојната рунда разговори во Њујорк, ако двете страни повторно се вратат на позицијата од која стартуваа пред неколку месеци, што по сите овие месеци би значело и „позиција под тоа“.

Back To Top