skip to Main Content

Градоначалникот на Ново село си поднесе оставка пред Советот на општината (ВИДЕО)

Градоначалникот на Ново село си поднесе оставка пред Советот на општината (ВИДЕО)
  • 05.10.2018

Неотповиклива оставка од морални причини – градоначалникот на Ново село, Боро Стојчев, кој уште се наоѓа на издржување затворска казна, своерачно го извести советот на општината дека се повлекува од функцијата.

Во јавноста се прошири фотографијата од изјавата потпишана со денешен датум од градоначалниот во оставка, откако претходно 1ТВ објави дека општинската администрација веќе го очекувала неговото известување. Неговата одлука не ја изненади ниту партијата, која по пресудата му ги одзеде сите партиски функции.

Јавноста гласно негодуваше откако беше најавено дека тој се враќа на градоначалничката функција кога штипска Апелација му ја намали затворската казна од 18 на 6 месеци, по што матичната партија СДСМ го повика да си даде оставка.

Веќе во понеделник, Стојчев го очекува одлуката на кривичниот совет при струмичкиот основен суд, откако обвинителството побара тој и натаму да остане зад решетки поради прекршување на условна казна од 2015 година. Тогаш тој бил осуден за проневера во службата и тоа за дело сторено пред осум години, а условот бил да не го повтори делото до следната година. Токму поради ова, неговиот адвокат очекува судот да го одбие барањето.

„За конкретниот случај не би можел да коментирам, но очекувам барањето да биде одбиено, бидејќи условот е тој да не го повтори делото за кое тогаш бил осуден, а сега му се суди за друго дело. Но дури и да биде прифатено, што не очекуваме, имаме право на жалба – изјави за 1ТВ адвокатот Ване Андреев.

Но и натаму останува дилемата како судот му ја намали затворската казна за две третини, ако Стојчев се уште бил под услов.

Што се однесува до неговото кандидирање и победа на изборите, од ДИК посочуваат дека немало ништо спорно во тој процес, бидејќи законот не дозволува кандидирање единствено на лица кои издржуваат или издржувале затворска казна, не и условна.

За потсетување, Боро Стојчев на 10 јули годинава со уште 4 други лица беше фатен како пренесува цигари од марката „Калипсо“ пред македонско бугарската граница. Му се судеше за кривично дело обид за пренесување непријавена стока за што од струмичкито суд доби казна од година ипол.

Христијан Баневски

Back To Top