skip to Main Content

(Видео) Макрон се обрати до македонската јавност, дава целосна поддршка за успешен референдум

(Видео) Макрон се обрати до македонската јавност, дава целосна поддршка за успешен референдум
  • 22.09.2018

И денеска продолжува поддршката од високи – сегашни и поранешни европски и американски државници за референдумот за името. По австрискиот канцелар Себастијан Курц со видео порака на македонските граѓани им се обрати и франускиот претседател Емануел Макрон. Во неа вели дека ниту еден договор не е совршен но дека овој со Грција овозможува иднина за земјата. Макрон верува во граѓаните.

-На овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно!, порача Макрон.

Во говорот вели:

Сметам дека истиот има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е и суштината на амбициите за Вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следат.

Тоа е драги пријатели, дами и гопода, едноставната, јасна и скромна порака која сакам да Ви ја пратам. Јас не можам да се ставам на Вашето место зашто вие гласате независно во оваа политичка дебата која е важна за земјата.

Вие треба да изберете и да се одлучите дали сте за промена на Уставот или не, за Спогодбата да стане важечка.

Да станете Северна Македонија, согласно Спогодбата. Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За Вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на Вас, вели францускиот претседател Емануел Макрон во видео пораката што ја упати до македонските граѓани во пресрет на референдумот.

И поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика Хавиер Солана со позитивен став кон референдумот. Во колумна за „Проџект Синдикејт“, пишува дека ако Преспанскиот договор биде прифатен, тој ќе врати надеж во регионот, бидејќи нуди одржлив модел за решавање на споровите на Балканот но и на други места а како пример ги наведува спорот меѓу Косово и Србија, како и политичките тензии во Босна и Херцеговина и Република Српска.

-Овој договор на страни со долгогодишен спор е инспирација за еден регион кој останува заплеткан во заглавени спорови околу етничките и националните идентитети. Балканот – и не само Балканот – има потреба од нов наратив врз основа на вистинските приоритети на народот, што е токму она што го предвидува Преспанскиот договор. Ако „неделата добро се заврши“, односно ако биде прифатен договорот од страна на граѓаните во Македонија, тој ќе врати надеж за регионот. Во време кога толку многу земји се чини дека имаат намера да градат ѕидови, би било иронично и длабоко пријатно да се види дека Балканот гради мостови, пишува поранешниот шеф на европската дипломатија Солана.

Солана во својата колумна го поздрави лидерството и храброста на премиерите, Зоран Заев и Алексис Ципрас и потсети дека и двајцата се соочуваат со силни напади од домашните опозиции.

И додека пристиггнува поддршката за референдумот однадвор – дома власта и опозицијата во жестока кавга за Договорот со Грција. Неодамна ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата дека на нејзина адреса стигнале Уставни измени во делот на промената на името кои треба да се случат до крајот на декември годинава напишани од Грција. За потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска ваквите информации се лаги и невистини.

-Лагите се тука за да не ни дозволат да се фокусираме на суштината. Ние потпишавме договор, тој договор е обврзувачки. Потпишавме договор во кој презедовме обврски, наши се обврските, а не грчки. Јасно ставивме до знаење, и ВМРО-ДПМНЕ тоа можеше да го чуе, дека работата на уставните измени ќе почне откако граѓаните ќе го кажат своето мислење, рече Шекеринска.

А потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски за 1 тв изјави дека Уставните измени биле напишани од Грција и преку нон пејпер испратени до македонската влада која ангажирала професор во пензија по уставно право само за да ги провери технички.

-Дури и амандманите на Уставот не ги пишува македонското Собрание, како што е редот, во постапка којашто треба да почне после референдумот, туку веќе ги има напишано грчката влада и ги има доставено и практично, кога ќе почне тој процес, доколку почне, ќе биде само една глума и еден театар дека се прават амандмани коишто се веќе напишани, чијашто содржина не ја знаеме, не се објавува во јавност, рече Николовски.

Наредната недела на 30 септември граѓаните ќе имаат можноест да се изјаснат на референдумското прашање, “Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Р.Македонија и Р.Грција“.

Весна Велкова Тодоровска

Back To Top