skip to Main Content

Харадинај ја разреши заменик министерката која интервенцијата на НАТО ја нарече „геноцид врз Србите“

Харадинај ја разреши заменик министерката која интервенцијата на НАТО ја нарече „геноцид врз Србите“
  • 25.03.2019

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја разреши денеска заменик министерката за правда Весна Микиќ, која вчера, на 20-годишнината од почетокот на нападите на НАТО против тогашна СР Југославија, ја нарече таа интервенција „геноцид врз српската држава и народ“.

Харадинај на својот Фејсбук профил, каде што ја објави и одлуката за разрешување на Микиќ, порача дека таквите нејзини изјави претставуваат говор на омраза, кој се санкционира со Уставот и законите.

– Во Владата и институциите на Косово нема место за лица, независно од нивната етничка припадност, кои ги оцрнуваат заедничките евроатлантски вредности. Дотолку повеќе што државата Косово е создадена токму врз таквите вредности. Изјавата на заменик министерката за правда, Весна Микиќ, дека бомбардирањето на НАТО било геноцид врз српската држава и народ, е неприфатлива и може да се смета за говор на омраза, кој се санкционира со Уставот и законите. Затоа денеска ја ослободив од нејзината должност, напиша Харадинај.

На изјавата на претставничката на Српската листа во Владата на Харадинај реагираше пратеничката на опозициското Движење Самоопределување (ВВ), Албулена Хаџиу, а разрешување на Микиќ побара и министерот за правда Абелард Тахири.

Back To Top