skip to Main Content

Туск ја повика Тереза Меј да побара пролонгирање на преговорите за Брегзит

Туск ја повика Тереза Меј да побара пролонгирање на преговорите за Брегзит
  • 25.02.2019

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска изјави дека се намалуваат можностите за постигнување договор за Брегзит и ја повика британската премиерка Тереза Мај да побара продолжување на преговорите, односно одложување на крајниот рок за излегувањето на Велика Британија од ЕУ, закажано за 29 март.

Тој рече дека „јасно е дека нема мнозинство во Долниот дом (британски Парламент) што ќе го потврди договорот”, и оти во сегашната ситуација „продолжувањето на преговорите би било рационално решение”.

Туск додаде дека 27-те европски партнери на Тереза Меј ќе и покажат „максимум разбирање”.

Британскиот парламент еднаш го отфрли договорот, а премиерката Меј има еден месец за да издејствува поддршка за него пред крајниот рок до 29 март.

Вчера Меј рече дека Лондон и Брисел постигнале „начелен напредок“ во преговорите за Брегзит и дека сè уште е можно Велика Британија да ја напушти ЕУ на 29 март со постигнат договор, како што беше планираној.

Меј нагласи дека на последните средби британските преговарачи со ЕУ постигнале „добар напредок“ и имале „конструктивни разговори“.

Во обид да добие дополнително време за да успее да издејствува нови отстапки од ЕУ, особено во врска со одредбата за „ирската граница“, Меј го одложи новото гласање за Договорот за Брегзит во британскиот Парламент за 12 март, односно на две недели пред планираното британско напуштање на Унијата.

Спорната одредба за „ирската граница“ предвидува статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист каков што е сега и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година, во кој треба да се најде конечно решение.

Тврдокорните приврзаници на Брегзит, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време“.

Back To Top