skip to Main Content

Торбјорн Јагланд повика на зајакнување на Советот на Европа

Торбјорн Јагланд повика на зајакнување на Советот на Европа
  • 05.04.2019

Во својот најнов годишен извештај, по десет години минати на чело на Советот на Европа како генерален секретар, Торбјорн Јагланд ги повика 47-те земји-членки да ја зајакнат оваа најстара паневропска организација за да се обезбеди соодветно финансирање и да се развијат нови стандарди наспроти предизвиците за човековите права и демократијата.

– Зголемените закани против владеењето на правото и новите предизвици за човековите права на нашиот континент го потврдија моето убедување дека ние мора да ги зајакнеме инструменти на Советот на Европа, а не да ги замениме или префрлиме на друго место. Тие, исто така, треба да бидат соодветно финансирани со јавни средства, смета Јагланд.

Во неговиот извештај во прв план сер става придонесот на Советот на Европа за промовирање на мирот и стабилноста во Европа, вклучувајќи ја и Европската конвенција за човекови права и Европската социјална повелба.

Но, Јагланд, исто така, изразува и загриженост поради обидите да се стават судовите под политичка контрола, зголемувањето на притисокот врз новинарите и невладините организации и оспорувањето на авторитетот на Европскиот суд за човекови права од страна на националистичките сили.

Затоа тој ја повикува Организацијата да се покаже попроактивна во почитувањето на нејзините правни стандарди.

Јагланд при тоа ги повика земјите-членки да развијат нови стандарди за справување со новите предизвици за човековите права и демократијата, вклучувајќи ја тука и вештачката интелигенција и модерното ропство, и да усвојат дополнителни мерки за промоција на економската и социјалната инклузија.

Во извештајот Јагланд поставува голем број принципи, кои, според него, треба да се применуваат за да се надминат сегашните тешкотии меѓу Советот на Европа и Руската Федерација. Имено, Русија одбива да ја плати својата членарина во Советот на Европа, што може да доведе до нејзино излегување од Организацијата.

Овие принципи што ги посочува Јагланд вклучуваат почитување на правата и обврските на земји-членки на рамноправно учество во работата на Комитетот на министри и Парламентарното собрание на Советот на Европа, обврска да соработуваат со Организацијата и да го плаќаат својот финансискиот придонес на време.

Back To Top