skip to Main Content

Тимерманс го повика Орбан да не поттикнува антисемитизам

Тимерманс го повика Орбан да не поттикнува антисемитизам
  • 10.12.2018

Потпретседателот на Европската комисија задолжен за владеењето на правото Франс Тимерманс, побара од унгарскиот премиер Виктор Орбан да не поттикнува антисемитизам, меѓу другото, и преку кампањата против американскиот милионер со унгарско потекло Џорџ Сорос.

Тимерманс ја осуди употребата на „прикриена антисемитска реторика“ и изрази како што се, на пример, „космполитска елита“, „контрола врз медиумите“ или алузиите за оние кои работат во „финансискиот сектор“.

Тој нагласи дека вакви појави се забележани во Унгарија, во кампањата против Џорџ Сорос, кој е Евреин по потекло и кого унгарските власти го обвинуваат дека преку своите организации и со „многу пари“ сака да ја „преплави Европа со мигранти“.

Тимерманс повеќе пати ја осуди кампањата „Стоп Сорос“ на унгарската влада.

– Иако Унгарија негира антисемитизам, во реакциите на оваа кампања во јавноста видовме силни антисемитски зборови. Штом Орбан е толку гласен кога вели дека сака да се бори против антисемитизмот, тогаш го повикувам да ги избегнува тие прикриени зборови и секаква кампања која може да биде видена како антисемтиска. Ако сака тоа да го избегне, тогаш мора да биде појасен, затоа што дел од неговата кампања доведе до антисемитски одговори, рече потпретседателот на ЕК, кој исто така раководи со прекршочните процедури против Унгарија и Полска за непочитување на принципите на владеењето на правото.

Тимерманс увери дека не станува збор за „покажување со прст“ кон Унгарија и дека антисемитизмот е присутен секаде во Европа, но дека унгарските власти имаат „поголема одговорност“ да избегнат нешто што може да биде видено како антисемитизам.

Потпретседателот на ЕК денеска заедно со комесарката за правда Вера Јоурова ги презентираше резултати од последната европска анкета за антисемитизам.

Од оваа анкета излегува дека 90 отсто од Евреите во Европа сметаат дека има раст на антисемтизмот на континентот, а 79 проценти од нив не ги пријавуваат антисемитските вознемирувања кај надлежните власти.

Тимермансм чија кандидатура за иден претседател на Еврокомисијата беше одобрена викендов на Конгресот на европските социјалдемократи, ги повика сите политичари, од левицата, десницата и центарот веднаш да реагираат против антисемитизмот и да бидат свесни за тоа.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој предупреди дека дефиницијата за антисемитизам усвоена од страна на ЕУ не треба да се смета како забрана за критикување на политиките на израелската Влада.

– Да не бидеме наивни. Постои нов вид на антисемтизам, кој се крие зад антиционизмот. Но, сакам да бидам јасен: секој има право да ги критикува акциите на Израел кога се сметаат за некомпатибилни со ставовите на меѓународната заедница. Никогаш нема да бидам спречен да ги критикувам акциите на Израел од оние кои велат дека критиките се инспирирани од антисемитизам, изјави Тимерманс.

Еврокомесарката Јоурова, од своја страна, додаде дека ЕУ ги отфрла активностите на кампањата „Бојкот, деинвестирање и санкции“ на пропалестинските здруженија, кои се борат против „илегалната окупација на територии од страна на Израел“.

Back To Top