skip to Main Content

САД се повлекуваат од нуклеарниот договор со Русија

САД се повлекуваат од нуклеарниот договор со Русија
  • 21.10.2018

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека САД ќе се повлечат од Договорот со Русија за ликвидирање на ракети од среден дострел, затоа што, како што рече, Москва ја прекршува спогодбата.

– Русија го крши Договорот. Тие го кршат со години. САД нема да им дозволат и натаму да го кршат нуклеарниот договор, изјави Трамп на митинг во градот Елко во американската сојузна држава Невада, во пресрет на изборите за Конгресот на САД на 6 ноември.

Договорот е склучен во 1987 година меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз, чиј правен наследник е Русија. Договорот го потпишаа тогашниот американски претседател Роналд Реган и последниот советски лидер Михаел Горбачов. Со него се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја.

Трамп истакна дека овој Договор ги ограничува САД да развиваат ново оружје, па затоа Вашингтон повеќе нема да го почитува, освен ако Русија и Кина не се согласат на склучување нова спогодба со која ќе се обврзат дека нема да поседуваат или развиваат вакви ракети.

САД ја обвинуваат Русија дека со развојот на ракетниот систем 9М729 го крши Договорот за ликвидирање на ракетите од среден дострел.

Најавата на Трамп за повлекување од Договорот доаѓа во пресрет на денешната посета на неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон на Москва.

Британскиот весник „Гардијан“ тврди дека токму Болтон извршил најголем притисок врз Трамп за повлекување од Договорот, како и дека ги блокира сите обиди за преговори за продолжување на Спогодбата за балистичките ракети – СТАРТ, чија важност истекува во 2021 година.

Во првите реакции на најавата на Трамп, поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Макфол изјави дека повлекувањето на САД од Договорот би било во интерес на Русија.

– Главн губитници од тоа се нашите европски сојузници, оцени Макфол.

Републиканскиот сенатор Ранд Пол, пак истакна дека одлуката на Трамп е деструктивна.

– Ете зошто Џон Болтон не треба да се меша во сфери поврзани со надворешната политика на САД. Тоа ќе ги уништи децениските заложби за меѓусебната контрола на вооржувањето започната од Реган, напиша Пол на Твитер.

Пол, кој е познат како противнк на политиката на притисоци, оцени дека наместо повлекување од Договорот, САД треба да се обидат да ги надминат проблемите поврзани со неговото почитување.

Директорот на американската Асоцијација за контрола на оружјето, Дарил Кембел оцени дека САД и Русија не ги искористиле сите дипломатски можности за спас на Договорот, нагласувајќи дека од почетокот на мандатот на Трамп претставници на Вашингтон и Москва имале само една средба посветена на почитување на одредбите од Спогодбата.

Членот на Советот на Федерацијата на рускиот Парламент, Алексеј Пушкин во објава на Твитер оцени дека повлекувањето на САД од Договорот би претставувало „втор удар врз глобалната стратешка стабилност“ од страна на Вашингтон, по повлекувањето и од Спогодбата за противракетна одбрана.

Колегата на Пушкин, Франц Клинцевич пак изјави дека САД немаат никакви докази оти Русија го крши Договорот за ракетите со среден дострел и дека со повелкувањето од него само сакаат да ја вовлечат Моксква во трка за вооружување, слично како и поранешниот Советски Сојуз во време на Студената војна.

Back To Top