skip to Main Content

Папата објави револуционерен закон против сексуални злосторства

Папата објави револуционерен закон против сексуални злосторства
  • 09.05.2019

Папата Франциск денеска објави нов, револуционерен закон со кој од сите католички свештеници и монахињи во светот се бара да ги известат црковните власти за секој случај на сексуално злоставување што ќе го изврши свештенството и да ги пријавуваат нивните старешини кои ги криеле злосторствата.

Станува збор за нов напор католичката хиерархија да преземе одговорност за неуспехот во заштитата на своите поданици, коментираат светските агенции.

Новиот закон предвидува заштита на оние кои ќе пријават и бара сите бискупии да имаат систем кој гарантира доверливост за податоците што ќе ги добие.

Законот дава нова правна рамка за бискупите во САД, која следниот месец ќе се користи во подготовката за усвојување мерки за одговорност.

Законот предвидува 415.000 католички свештеници и сестри да станат овластени пријавувачи. Тоа значи дека од нив се бара да ги информираат црковните власти кога ќе дознаат или имаат „добро втемелени мотиви да веруваат“ дека некој од свештениците учествувал во сексуално злоставување малолетник, возрасно лице, поседувал детска порнографија или дека надреден прикрил такво злосторство.

Законот не бара пријавувачите да ја известуваат полицијата, затоа што Ватикан веќе долго време тврди дека тоа би можело да ја загрози црквата таму каде што католиците се прогонувано малцинство. Сепак, првпат со еден универзален црковен закон се предвидува пријавувачите да ја почитуваат обврската за цивилно известување таму кае што живеат и нивната обврска за известување на црковните власти на ниту еден начин не се коси со тоа.

Доколку овој закон биде спроведен во целост, Ватикан во наредните години би можел да открие голем број случаи на злоставувања и криење на извештаи за нив.

Со оглед на тоа што законот е процедурален, а не кривичен, може да се примени ретроактивно, што значи дека свештениците и монахињите се обврзани да пријават и стари случаи на сексуално злоставување и криење, а во тоа ќе имаат заштита како пријавувачи.

Клучно во законот е тоа што самите свештеници и монахињи во католичката црква добиваат мандат на „известувачи“ и што од секоја бискупија се бара да воспостави систем за прифаќање на барање за доверливост.

Другиот клучен елемент е опишувањето на начинот на кој се спроведуваат прелиминарните истражувања кога е обвинет член на црковната хиерархија.

Новите процедури бараат секое тврдење дека бискуп или некој друг старешина извршил злосторство со сексуално недолично однесување или го криел тоа, мора да се пријави во Светата столица и на бискупот одговорен за одредено географско подрачје.

Жртвите и нивните адвокати долго време се жалат дека бискупите и верските поглавари најчесто ја избегнале правдата поради недолично однесување или не успеале да заштитат верници од свештеници предатори. Бискупите и верските поглавари му одговараат само на папата, а до сега само малку од нив се санкционирани или „отстранети“ затоа што се дознало за нивното однесување.

Back To Top