skip to Main Content

Оставки поради скандалот што ја тресе Владата на Канада

Оставки поради скандалот што ја тресе Владата на Канада
  • 19.03.2019

Канадскиот премиер Џастин Трудо е обвинет дека вршел притисок врз поранешната главна обвинителка и министерка за правда Џоди Вилсон Рејболд во случајот на СНЦ Лавалин.

Трудо ја именуваше поранешната министерка за правда, либералката Ен Меклелeн да испита дали истовремената функција на министер за правда и главен обвинител треба да биде одвоена, сред скандалот што може да доведе до повторен избор во Либералната партија на премиерот.

– Неодамна беа отворени значајни прашања во врска со односот меѓу главниот обвинител и министерот за правда и Владата, рече Трудо во канадскиот Парламент.

Поранешната министерка зa правда и главна обвинителка Џоди Вилсон Рејболд го обвини премиерот и членовите на неговата Влада дека нелегитимно вршеле притисок во случај за голема канадска инженеринг компанија обвинета за корупција.

Трудо наводно сакал Вилсон Рејболд да им нареди на обвинителите да постигнат договор и да се избегне кривичното гонење на канадската компанија СНЦ Лавалин, бидејќи тој смета дека илјадници работни места се доведени во прашање, а пресудата би можела да ја отстрани компанијата од склучување договор со Владата.

Висок официјален претставник на Владата на Канада, Мајкл Верник соопшти вчера дека ќе се пензионира по 38 години кариера, што е четврти близок соработник кој го напушта Трудо од почетокот на аферата СНЦ-Лавалин, најголема политичка криза во Канада по неговиот избор за премиер во 2015 година.

– Поради настани од последните недели решив дека повеќе не можам да ја вршам должноста, му соопштил Верник во писмо на Трудо.

Кризата досега доведе до оставка на двајца министри, за правда и за финансии, како и најблискиот политички советник на Трудо, Џералд Бутс.

Back To Top