skip to Main Content

Кабул: Повлекувањето на војници на САД од Авганистан нема да се одрази на безбедносната

Кабул: Повлекувањето на војници на САД од Авганистан нема да се одрази на безбедносната
  • 21.12.2018

Можното повлекување на војниците на САД од Авганистан нема да се одрази на безбедносната ситуација во земјата, изјави портпарол на претседателската палата во Кабул.

Во последните четири години, половина од авганистанските сили за безбедност веќе ги контролираат сите операции во земјата поврзани со безбедноста, напиша на Твитер портпаролот Харун Чахансури.

Американски медиуми вчера соопштија дека претседателот на САД Доналд Трамп наредил повлекување на речиси половина од 14.000 американски војници стационирани во Авганистан.

По воената интервенција на САД за соборување на талибанската влада, во 2002 година, во Авганистан влегоа околу 130.000 војници од меѓународните сили. Оттогаш до денес во војната загинаа околу 2.500 американски војници.

Авганистански експерти и политичари беа со различни мислења за потенцијалното повлекување.

Поранешниот портпарол на Министерството за одбрана, Захир Азими, истакна дека можното повлекување би можело да влијае на способноста на авганистанските војници да спроведат ефикасни ноќни напади. Покрај тоа, американската воздушна поддршка е од суштинска важност за авганистанските копнени сили.

Според пензионираниот генерал Мохамад Радманиш, авганистанските сили се способни да ја бранат земјата. Но, им се потребни нови и напредни технологии, рече тој.

Хашматула Аршад, портпарол на Исламската партија на Авганистан, рече дека партијата ја поздравила одлуката на САД да ги повлече своите војници. „Американците се една од главните причини” за тековната војна, додаде тој.

Back To Top