skip to Main Content

Демократите го отфрлаат оградувањето на Трамп од изреченото во Хелсинки

Демократите го отфрлаат оградувањето на Трамп од изреченото во Хелсинки
  • 18.07.2018

Претставници на Демократската партија на САД синоќа го отфрлија оградувањето на американскиот претседател Доналд Трамп од неговите изјави дадени во Хелсинки на средбата со шефот на руската држава Владимир Путин.

– Треба да се признае дека ова е само обид да се исчисти хаосот што тој го остави зад себе по средбата во Хелсинки, но тоа е невозможно да се направи со кратка изјава, изјави демократскиот конгресмен Адам Шиф.

Трамп синоќа, речиси 30 часа по средбата со Путин, на брифинг со новинари во Белата куќа изјави дека погрешно се изразил кога рекол оти не гледа причина зошто Русија да се меша во изборите на САД.

Обраќајќи им се на новинарите, Трамп изјави дека мислел да го каже спротивното – дека не гледа причини зошто Русија не би била одговорна.

– Имам целосна доверба во разузнавачките агенции на САД и ги прифаќам нивните заклучоци, изјави Трамп, читајќи од подготвени забелешки.

Трамп сепак нагласи дека во изборите „можат да бидат вмешани и други“, додавајќи дека таму постојат многу луѓе кои би го направиле тоа.

Сепак, повлекувањето на Трамп од претходно кажаното не ги запре расправиите и контраверзите во Вашингтон. Демократите ја отфрлија изјавата на Трамп како „политичка контрола на штетата“.

Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер оцени дека изјавата на Трамп е уште еден знак на слабост, посебно неговиот став дека „други луѓе“ можат да бидат одговорни за вмешаноста во изборите.

– Даде ужасна изјава, се обиде да се повлече, но не може да се собере да го направи тоа, изјави Шумер од говорницата во Сенатот. – Тоа ги покажува слабостите на претседателот Трамп, покажува дека тој се плаши од директно соочување со Путин, додаде тој.

За Републиканците, јасно е дека имало руски шпионски кибер напади директно координирани од Кремљ и Путин за време на изборите во 2016 година и тие бараат построги санкции кон Москва.

– Многумина од нас целосно разбираат што се случи тогаш и подобро тоа да не се повтори во 2018 година, изјави Мич Мекконел, лидер на републиканците во Сенатот.

Во меѓувреме, некои сенатори и конгресемени побараа построги санкции кон Русија. Мекконел и претседателот во Претставничкиот дом, републиканецот Пол Рајан, кој руската Влада ја нарече „заканувачка“, изјавија дека и двата дома на Конгресот ќе разгледаат воведување дополнителни санкции кон Русија.

Back To Top