skip to Main Content

Дачиќ: САД отворено го поддржуваат компромисното решение за Косово

Дачиќ: САД отворено го поддржуваат компромисното решение за Косово
  • 27.07.2018

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ по разговорите што ги имаше со високи фунционери на САД оцени дека американската администрација во Вашингтон отворено го поддржува компромисното решение за проблемот со Косово, што Србија треба да го искористи.

– Со доаѓањето на новата американска администрација, Србија има поповолна атмосфера за изнесување на своите ставови, поголемо разбирање од САД, како и желба за ресетирање и ревитализирање на односите, што ќе помогне во стабилизација на состојбата во регионот, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Во соопштението исто така се наведува дека американската администрација сега е подготвена барем рамноправно да разговара за српските предлози за решавање на најголемите проблеми во регионот, а тоа е секако трајното решение на проблемот со Косово.

– Денес отворено се дава поддршка за компромисно решение, што за Србија е многу позитивно и поттикнувачко, како и можност да се дојде до решение кое би било во интерес на сите страни, наведе Дачиќ во соопштението.

Шефот на српската дипломатија престојуваше во посета на САД каде учествуваше на Министерската конференција за религијски слободи, како и на церемонијата на одбележување на стогодишницата од подигањето на српското знаме на Белата куќа.

Дачиќ за разговорите што ги имал со советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џон Болтон и со помошникот на државниот секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, кажа дека биле „многу конструктивни и во многу позитивна атмосфера“, додавајќи дека Болтон му кажал дека  администрацијата на Трамп смета дека досегашната политика на САД кон Балканот била „раководена преку автопилот, политика која била дефинирана пред 20 – 30 години“.

– Ќе продолжиме со контактите, повторувам со голема  поддршка на САД за одвивање на дијалогот, тоа е голема промена, бидејќи кога зборувавме во американските институции, до пред две години можевме само да  слушнеме дека тоа прашање е решено, изјави Дачиќ.

Тој, пренесувајќи му ги впечатоците од САД на претседателот Александар Вучиќ додаде дека состојбата е „значително поразлична во споредба со претходно“ и дека Србија треба да го искористи тој момент со американската администрација да најде решение за проблемите во регионот и „да ја реафирмира својата надворешно-политичка позицијата.

– Да ги решиме проблемите во регионот така да секој би добил, без да бараме кој што ќе загуби, што е голема промена, истакна Дачиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази надеж и верба дека Америка ќе го почитува суверенитетот, независноста и слободата на српскиот народ и државата, како што Србија ја цени слободата, силата и независноста на САД.

– Едните со другите исто да се почитуваме и Америка да ја почитува Србија како што Србија ја почитува Америка, изјави Вучиќ на отворањето на изложбата „Кралство Србија и САД“ по повод 100-годишнината од Денот на Србија во Вашингтон.

Тој истакна Србија мора да тежнее кон подобри односи со оваа велесила, додавајќи дека во последните 30 години односите меѓу Србија  и САД биле тешки, без усогласување на важните прашања.

Тој рече дека Србија не очекува од САД ништо повеќе од она што може земјата согласно своите интереси да даде, како и дека Белград не може да даде повеќе од она што се нејзини интереси.

– Америка може да ни помогне така што би нè слушнала како рамноправен соговорник кој не се занемарува и не моли, туку аргументирано ги застапува своите интереси. Немаме причина да бараме повеќе, нагласи Вучиќ.

Како што истакна, она што Србија го сака е пријателство и партнерство, и заедно со САД во мир да „создава нов Никола Тесла и Михајло Пупин“.

– Размената на најдоброто е рецепт за понатамошните односи, изјави Вучиќ.

Back To Top