skip to Main Content

Габриел: 61 процент од граѓаните се плашат од манипулирање со изборите преку кибер напади

Габриел: 61 процент од граѓаните се плашат од манипулирање со изборите преку кибер напади
  • 20.02.2019

Во денешната дигитална реалност, со бурниот развој на технологијата, ризикот од интервенција и манипулација во изборниот процес е повисок. Затоа е потребно да не ги заслабнеме напорите во борбата против дезинформациите и кибер-заканите, за да спречиме секакви манипулации. Тоа може да се случи само ако работиме заедно: земјите-членки, институциите на ЕУ и приватниот сектор. Ова го изјави комесарот за дигиталната економија и општество Марија Габриел при отворањето на конференцијата во Брисел, посветена на подобрувањето на кибернетичката отпорност на изборите, која дава можност, три месеци пред изборите за Европскиот парламент, со заинтересираните страни да бидат дискутирани активностите за обезбедување на демократски изборен процес, соопштија од ЕК.

Бугарскиот еврокомесар посочи податоци од истражувањето на Евробарометар, според кои 61 процент од граѓаните се загрижени за манипулација на изборите преку кибер напади. Заканите се со различни форми, од упад во системи до кампањи за дезинформации или манипулација на лични податоци.

-Ние сме свесни за овие ризици и продолжуваме да дејствуваме преку сеопфатен пристап за гарантирање на изборниот процес. Многу е важно да ги тестираме сите механизми и процедури. Претстои да направиме вежба со Европската агенција за кибер безбедност ЕНИСА и Европскиот парламент, за да тестираме некои од препораките за кибер безбедноста на технологијата, поврзани со изборниот процес. Тоа ќе даде можност за оценка на плановите, политиките и процедурите воведени од земјите-членки, изјави Марија Габриел.

Back To Top