skip to Main Content

Најдобрите каратисти по ЕП: Полека, но сигурно, патеката води кон Токио

Најдобрите каратисти по ЕП: Полека, но сигурно, патеката води кон Токио
  • 02.04.2019

Македонските каратисти заокружија успешен викенд на Европското првенство во Гвадалахара, Шпанија.

Двократниот европски шампион, нашиот најдобар каратист, Емил Павлов се закити со бронзен медал, додека кај дамите Пуликсенија Јовановска го повтори одличното петто место. Солидни настапи запишаа Фахик Весели и Берат Јакупи.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски со пофални зборови денеска ги пречека каратистите.

-Успешниот настап на нашите каратисти е уште еден доказ за нагорната линија по која оди спортот во држава, но и потврда дека каратето е спорт од кој најмногу очекуваме, и спорт кој ги подига спортските стандарди. Патеката по која се движат нашите каратисти води кон Токио, и јас искрено се надевам дека истата успешно ќе ја поминеме, со заеднички залагања“, истакна Каевски.

Емил Павлов верува во своите квалитети и во својата зацртана цел – норма за Олимписките игри во Токио.

„Континуитетот на остварување на медали од европските првенства е мотивација плус кон остварување на мојата животна желба, а тоа е пласман на олимписки игри. Моето учество на европските игри во Минск ќе го трасираат мојот пат кон Токио, и јас искрено се надевам дека ќе го поминам, изјави Павлов.

На прес конференцијата свое излагање имаа и тренерите на државните селекции во борби и кати, Жарко Арсовски, и Стојан Андриевски, како и освојувачката на петтото место во кати, Пуликсенија Јовановска.

Back To Top