skip to Main Content

Милевски се врати во У-21 со јасна цел – повторување на историскиот успех и покрај „недостапните“ Елмас и Чурлинов

Милевски се врати во У-21 со јасна цел – повторување на историскиот успех и покрај „недостапните“ Елмас и Чурлинов
  • 02.04.2019

Благоја Милевски денеска беше промовиран за нов селектор на македонската фудбалска селекција до 21 година. Милевски се врати на кормилото кое најдобро го возеше пред неполни две години, кога го направи најголемиот успех со Македонија пласирајќи се на ЕП 2017.

Милевски гледа шанса за повторување на историскиот успех, особено поради фактот што за прв пат на еден младински фудбалски собир ќе учествуваат 16 селекции наместо 12.

„Крајната цел е пласман на Европско првенство. Тоа не значи дека на фудбалерите ќе им наметнеме притисок дека мора да се пласираат на ЕП. Ние не сме Шпанија, Бразил или Германија. Мора да направиме се ако ни се укаже шанса да играме. Комплексот од пониска вредност е зад нас. Кога ќе ја видам А-селекцијата во која шест играчи се првотимци од оваа селекција и уште тројца се меѓу 18-те, оптимист сум дека ќе имаме успешни квалификации“, вели Милевски.

Милевски меѓу останатото им се заблагодари на ФФМ за неговото враќањето во У-21, а не ја крие големата веројатноста да ги нема на располагање Елмас и Чурлинов, кои добиваат повик во А-тимот.

„Ние како Македонија немаме многу играчи како Елмас или Чурлинов, кои ќе ја направат таа разлика. Ако ги имаме сите тие на рапсолагање, може да се надеваме на пласман или успешни квалификации. Ќе се потрудиме ако ги немаме на располагање да го подредиме тимот и философијата на игра без нив. Имаме потенцијал. Ситуацијата е таква во која е лимитиран изборот на фудбалери. Ако ги имаме на располагање сите играчи, може да се надеваме на успешни квалификации“, додава Милевски.

Квалификаците за ЕП 2021 започнуваат во септември. Македонија е во група со Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарските Острови.

Фото: ФФМ

Back To Top