skip to Main Content

Металург внимателно го скенираше првиот предизвик во СЕХА за 2019

Металург внимателно го скенираше првиот предизвик во СЕХА за 2019
  • 31.01.2019

Македонскиот ракометен вицепрвак Металург в сабота ќе ја отвори пролетната полусезона од СЕХА лигата со домашен натпревар против Загреб.

Тимот од Автокоманда изминатиот период одработи одлични подготовки во Франција, освојувајќи го силниот меѓународен турнир во Генобл. Поради тоа во тимот владее голем оптимизам, но со огромна внимателност гледаат на противникот , особено поради доаѓањето на Бранко Тамше на тренерската позиција од Лино Червар.

„Прв натпревар во оваа полусезона, прв по СП и можеби најтежок за нас. Позитивно е што се игра на домашен терен, минус е што се работи за еден добар противник, кој исто така имаше доста играчи кои играа на СП. Имаат нов тренер, со него сигурно ќе имаат некоја нова концепција на игра, затоа малку ми е потешко да го подготвам овој натпревар. Но од друга страна играчите му беа на СП, па и немаше многу време за да менува. Може само да погодуваме како ќе биде“, вели Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Еден од играчите кои треба да придонесе во одбраната е Србинот Михајло Младеновиќ. Според него важна е нетрпеливоста и дисциплината во играта.

„Јас мислам дека ако сите го дадеме својот максимум на натпреварот ќе бидеме добри. Се работи за една искусна екипа, затоа мора да се игра дисциплинирано, да нема избрзани шутеви, избрзани акции, да се игра трпеливо. Ако играме така резултатот ќе биде како што посакуваме “, смета Младеновиќ.

Сепак, хендикеп за Металург  е сеуште некомплетираниот состав. Хрватскиот пивот Миличевиќ поради повреда на рамото најверојатно нема да игра се до крајот на сезоната, а под знак прашалник е Александер Шпенде, кој сеуште се жали на старата повреда.

Металург по 13 одиграни натпревари е предпоследен со скор од 10 порази, две победи и едно реми. Загреб, пак со 11 победи и два порази води тесна битка на врвот заедно со Вардар и Нексе со по 33 бода. Натпреварот Металург-Загреб, се игра в сабота во Арената Борис Трајковски од 20.15 часот.

Back To Top